Македонската публика прави чуда во неверојатната одисеја на трите наши ракометни претставници во Лигата на шампионите, а и вчера на мечот меѓу Металург и Колдинг атмосферата во салата „Борис Трајковски“ беше феноменална.
Данците ги краси ладнокрвност, но кој може да остане рамнодушен на скопскиот вулкан, што овојпат го направија преку 7 илјади навивачи на Металург.
Колку беше жешко покажува и фактот дека и Данците се загубија во пеколниот амбиент, во првите 15 минути постигнаа само 3 гола. На крајот имаа вкупно 17, најмалку од сите екипи во првите осминафинални дуели, а никаде ја немаше првата ѕвезда на Колдинг, Бо Спелерберг.
Се исплаши ли Бо од атмосферата? Има поткрепа и тоа во статистичките категории, кои покажуваат дека искусниот 35-годишен лев бек на данската репрезентација шутираше 6 пати, а погоди само еднаш. Особено го немаше никаде на теренот во првото полувреме кога упати 4 удари и сите ги утна.
Тоа е влијанието на скопскиот ракометен пекол и феноменалната атмосфера во салата „Борис Трајковски“. И најдобрите не ја издржуваат, а Металург ја одбрани импресивната серија од 10 меча без пораз на домашен терен во ЛШ, што ја имаат заедно со Вардар.
Во Скопје не победија ниту Барселона и Пари Сен-Жермен, и тоа двапати, потоа и европскиот првак Хамбург, ниту вчера Колдинг. И на најголемите ракометни ѕвезди на планетата од калибарот на Карабатиќ, Хансен, Рутенка, Коплјар, Абало… тешко им одеше со настапите против Металург и Вардар во Скопје, а вчера и Спелерберг не се снајде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.