Македонските компании што применуват европски стандарди имаат можност за излез на пазарот во Европа, кој има 550 милиони потрошувачи. Нивниот интерес од година во година расте за примена на стандардите. Институтот за стандардизација издава преку 1.000 стандaрди годишно.
Oва го истакнува директорот на Институтот за стандардизација на Република Македонија, Љупчо Давчев во интервју за МИА.
– Употреба на европски стандарди значи излез пред 550 милиони купувачи во Европа. Значи, имаш машини, употребуваш европски стандарди, добиваш толку колку што ти треба и пушташ на европски пазар. Немаш европски стандарди, имаш југословенски стандарди –пушташ на пазар каде што имаш пет-шест милиони. Денес, утре и тие ќе станат дел од европскиот заеднички пазар, како што сме ние сега, иако не сме полноправна членка на ЕУ, и тие ќе мораат да ги забранат тие производи. Бенефитот за Македонија е нормално поголем извоз пред 550 милиони луѓе, повеќе вработени, поголем БДП, поголеми плати, значи зголемување на благосостојбата на сите во Република Македонија – истакнува Давчев.
Тој додава дека доколку некој сака да извезува на европскиот пазар од 550 милиони потрошувачи, мора да ги почитува правилата, односно стандардите.
– Институтот за стандардизација има усвоено 25.000 стандарди. Од тие околу 21.000 се европски, од овие Институтот има усвоено 99 проценти. Не може да има стопроцентна усвоеност бидејќи додека зборуваме се прават нови стандарди и нови верзии – вели директорот.
– Сега како полноправна членка на европските тела за стандардизација сме вклучени во создавање стандарди уште од самиот почеток до крај. Додека не бевме полноправна членка учествуваме само во усвојување. Од тие 25.000 усвоени тие 4.000 се ИСО или ИЕЦ стандарди, дури имаме и некои германски стандарди, кои ги имаме усвоено како македонски. Имаме и наши чисти пет национални стандарди, а се подготвуваат и уште два – три – вели Давчев.
Тој посочува дека индустријата ја гледа потребата од европските стандарди.
– Колку и како ќе се приспособи е друго прашање бидејќи дел од таа индустрија и фабриките што беа купени пред 20 години сè уште работат по стара технологија. По стари ју-стандарди, кои се дел од Србија, БиХ. Значи пазар од 5 до 7 милиони луѓе. Тоа што треба да го направат компаниите треба да се приспособат кон новите технологии, да ја исфрлат старата технологија и купат нова опрема, која ќе биде паралелно изработена со европските стандарди за да може да излезат на европскиот пазар – вели директорот на Институтот за стандардизација на Република Македонија.
Додава дека годишно продаваат околу 1.000-1.200 стандарди и оти секоја година тој процент расте.
– Пред три години беа 600-700, за минатата година да дојде до 1.000, а оваа година одиме веќе над 1.000. Значи, со тоа се гледа дека индустријата е заинтересирана и дека има потреба од купување на стандарди – рече директорот Давчев.
Институтот за стандардизација на Република Македонија е единствено национално тело за стандардизација во Македонија. Основан е 2003 година како самостоен, претходно работеше во рамки на Инстутот за метрологија и за акредитација. Директно е основан од Владата. Во 2004 година е донесен првиот закон, а во 2013 година направени се неколку измени на законот со кој се подобрува работата на Институтот. Институтот е полно правна членка на Меѓународната организација за стандардизација, европските тела за стандардизација од општата област и електротехниката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.