Милена Кнежевиќ нема да игра против Вардар во полуфиналето на завршниот турнир во Будимпешта поради инцидентот во кој ја удри со глава Анита Горбич, а, сепак, ќе биде во експедицијата на Црногорките за завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Кнежевиќ од ЕХФ заработи казна од два меча, едниот го „одработи“ против Крим, а вториот, за среќа на Вардар, ќе мора да го пропушти токму на 3 мај против македонскиот шампион во полуфиналето во Будимпешта.
Кнежевиќ има 24 години и е една од најдобрите ракометарки на црногорскиот шампион, а беше дел од тимот што преклани ја освои титулата во Лигата на шампионите.
Минатиот труд и одличните игри сезонава во дресот на Будуќност, сепак, не ѝ донесоа „попуст“ кај Управата на клубот, кој ја казни 24-годишната црногорска репрезентативка со 50 проценти од секоја плата до крајот на сезоната поради удирањето на Горбич. Сепак, Милена ќе патува за Будимпешта за да игра во евентуланото финале, секако ако Будуќност го победи Вардар на 3 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.