Фудбалската Федерација на Македонија денеска одржa комеморативна седница во чест на трагично загинатиот директор на А репрезентацијата на ФФМ, Петар Милошевски.
Многу емоции, солзи, сеќавања и почит кон Петар Милошевски, трагично загинатиот легендарен голман искажаа на денешната комеморација, пријателите, соработниците, фудбалските колеги на Пеце како што од милост го нарекуваа.
– Сега кога по толку години почнавме пак заедно да работиме во Македонија, судбината пак не раздели, а имавме големи планови. Беше мое дете Петар, не можам да го прифатам ова, но мора гордо што те познававме и натаму да се грижиме твоето дело да живее. Продолжуваме со максимална грижа за твоето семејство, затоа што тоа сега е наше семејство – истакна видно потресен Ѓоко Хаџиевски.
Во името на другарите од златната генерација на Пелистер од Милошевски се прости Митко Стојковски: Бевме поврзани , како фамилија, а Пеце беше наш лидер иако беше најмлад– рече Стојковски.
Емоционално обраќање имаше и селекторот Бошко Ѓуровски: До сега имав само еден брат, од сега имам два брата. Од денеска Пеце ти си мој брат кој никогаш нема да го заборавам. Се сеќавам пред 20 години делевме иста соба во националниот тим, а сега во ФФМ ја делевме канцеларијата.
Несреќата во која загина Милошевски се случи во четвртокот, во близина на Куманово. Со него во автомобилот биле Илчо Ѓорѓиоски, и уште двајца патници, се враќале од Куманово каде што се играше хуманитарен натпревар. На автопатот нивното возилото удрило во друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





