Во т.н. претставување на единствениот кандидат пред мистериозните, до последен момент тајни делегати, лидерот Заев му посвети на Пендаровски едвај 5-6 реченици од неколкуте стотини кажани во излагањето. Сето друго беше евтин, веќе виден предизборен памфлет за парламентарни избори. Силно надвладеа фактот што ја покажа вистинската мака на Бихаќка – стравот од осми пораз, четврти на парламентарни избори. Деветтиот или втор по ред пораз на претседателските, очигледно, и не е така битен, како и неговата плитка каса…
Математички гледано, во својот говор Заев само седум пати го спомена Пендаровски, меѓу кои еднаш го нарече и државник, а дури 10 пати го изговори името на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Целиот говор беше во стилот на секојдневните, црносудбински прес-конференции на СДСМ, разбирливо, го составиле истите писари. Доминантна, како и секогаш, беше патетичната ламентација за наводната тиранија и диктатура наспрема најавите за спас, отелотворен во ликот на струмичкиот самурај, кој само два дена порано со гордост пред медиумите ја прогласи сопствената жена за гејша, а потоа, така монтипајтонски маскиран, даде и дневна, политичка изјава за тиранијата во Македонија.

Заклучокот е едноставен, не случајно социјалдемократскиот лидер на конгресот повеќе внимание му посвети на Груевски отколку на Пендаровски. Очигледно, познатите творци и текстописци на неговиот говор го предвиделе овој факт затоа што, како и нивниот лидер кој го бендисал составеното од нив, вистинската мака ја гледаат во трагичната можност за уште еден четиригодишен пост од власта, 1.461 ден кои ќе бидат премногу за веќе осумгодишната диета на Бихаќка. И по којзнае кој пат, сопствената прегладнетост и немањето допир со државните пари ги трансферираа на народот, кој, пак, никако да ја прифати и сериозно да ја сфати наметнатата прикаска од луѓето со милиони евра на сметка и месечна кирија од 5 илјади евра.

Заев и Пендаровски во битка за тронот на СДСМ
Мотивот и потребата за пренагласување на црнилата во противничкиот партиски табор, како вовед за избори во кои се гласа за претседател, т.е. личност, која целосно се загуби во преводот на лидерот, познавачите на состојбите ги видоа и во добро прикриениот, длабок антагонизам меѓу Заев и Пендаровски. Едноставно кажано, и творците на памфлетот не би биле таму без Заев, па не им било тешко да го маргинализираат можниот му наследник, кој, по правило, како и секој кадија, си носи свои писари.
Едно, дефинитивно, ги спојува, а тоа е личната поврзаност со поранешниот лидер Црвенковски, кој, очигледно, и не е така поранешен. Заев беше негов заменик како в.д. претседател на СДСМ, во периодот од 2008 до 2009 година, кој е познат како време на „чуварот на столчето“, кој следуваше веднаш по аболицијата на Црвенковски за Заев во случајот „Глобал“ во истата година. Логиката е едноставна – кој би ви ја чувал позицијата подобро од најголемиот должник?
Во истиот тој период Пендаровски беше советник на тогашниот шеф на државата, кој ги стори сите тие добри дела за струмичкиот градоначалник. Шегобијците на „Фејсбук“ ќе речат дека токму Пендаровски, како советник за национална безбедност, го советувал Црвенковски да го помилува Заев бидејќи тоа било многу важно за безбедноста на државата, но и за безбедноста и за просперитетот на тендерите во јужниот дел на земјата.
Информациите велат дека аналитичарите на Бихаќка, свесни за неминовноста на поразот на изборите, решиле, барем, да ги искористат за толку потребната внатрешна чистка и рекомпонирање во СДСМ, чие подмладување со неодамнешната промена на лидерот излезе како дебакл. Се бара конечно ефектуирање во гласови или резултатот од црните, аферџиски кампањи, кои апсолутно беа против ќефот на старите проевропски сдсмовци со самозамислена сина крв, потези кои драстично влијаеја врз падот на нивото на партијата. Доколку парламентарните избори покажат лоши резултати, казната за уништувањето и за деградацијата на имиџот на партијата ќе биде неминовна и сурова.
Се најавува ситуација во која првите луѓе на парламентарната и претседателска битка, Заев и Пендаровски, ќе водат скриена, но сериозна и беспоштедна војна меѓу себе, а подобриот ќе го освои главниот трофеј, персонифициран во тронот на СДСМ. Анализата се темели на фактот што, по резултатите на партиските анкети меѓу народот, на Бихаќка се свесни за неминовноста од двојниот пораз, но за да на избори не се учествува само во стилот на социјалистичкото не е важно да победиш, важно е да учествуваш, измислена е нова игра во која мора да има некаков си победник.
Идејата е Заев и Пендаровски да се натпреваруваат директно меѓу себе. Споредбата на резултатите, во која победата на избори е исклучена, ќе се заснова на проста компарација со претходните претседателски и парламентарни избори. Струмичкиот самурај ќе преживее на лидерската позиција само доколку оствари подобар резултат во споредба со изборите во 2011 година кога лидер беше Црвенковски, а советникот ќе го замени самурајот само доколку има повеќе гласови од Фрчковски. Предвидена е и пат-позиција, која ќе дојде доколку и двајцата имаат полоши или подобри резултати од минатите избори, ситуација во која, како и секогаш, се очекува да пресече, кој друг ако не, Црвенковски.
Божиновски – некоординираност, разногласие или конфузија во СДСМ
Играта со неговата кандидатура беше интересна од самиот почеток. Јавноста веднаш се заинтригира со околностите во кои Пендаровски стана кандидат на СДСМ. Мистериозни останаа и неговите наводни, а за многумина и измислени, осум противкандидати. Несинхронизирано беше и негирањето на каква и да е запознаеност со идејата за негова кандидатура од Бихаќка за во истите 24 часа да објави дека ја прифаќа понудата. Во истиот момент почна ловот на вештерки и потрагата по кртот во СДСМ кој го издал името на Пендаровски, но не на некој од десетиците ултраопозициски портали, туку на неподобниот за нив „Прес 24“. Продолжението на настаните, пак, беше повеќе од очекувано и лошо одиграно.
Познавачите на состојбите во целата оваа игра видоа различни, пикантни сценарија. Политикологот Владимир Божиновски смета дека целата конфузија што настана во врска со изборот на кандидат за претседател од СДСМ би можела да биде последица на една од три причини или, можеби, резултат на комбинација од две, па дури и од сите три причини.
Божиновски: Првата можна причина е некоординираност меѓу потесното раководство на СДСМ, односно партиската централа и кандидатот за претседател или, евентуално, неодлучност за времето за промоција на кандидатот во јавноста, со оглед дека изминатите два месеца постојано се шпекулираше и одложуваше датумот за партиската конвенција, која првично беше предвидена да се одржи во јануари за на крај да биде закажана во март.
Втората и највалидна причина , според мене, за ова разногласие околу можниот кандидат за претседател предложен од СДСМ (кое најпрвин беше проследено со деманти од страна на кандидатот, за веднаш потоа тој да ја прифати кандидатурата) е последица на двоумење кај Стево Пендаровски дали тој воопшто да прифати да се кандидира за претседател. Имено, откако уште во декември се најавуваше како најсериозен кандидат за претседател предложен од СДСМ, повеќе медиуми се обидоа да добијат потврда и од самиот Пендаровски. Тој тие гласини не ги потврдуваше, но не ги ни демантираше. Сепак, во јануари, по соопштението од ДУИ дека тие не размислуваат да го поддржат кандидатот на СДСМ, туку ќе се обидат да се договорат со нивниот коалициски партнер (преку промоција на онаа фамозна иницијатива за т.н. консензуален претседател, која, се разбира, подоцна беше одбиена од страна на ВМРО-ДПМНЕ), Стево Пендаровски излезе во јавноста со неколку изјави дека од СДСМ никој воопшто не го консултирал за можна кандидатура. Претпоставката е дека господинот Пендаровски сметал, и тоа, според мене, сосема исправно, дека без поддршка од ДУИ, како кандидат на СДСМ, шансите да му се спротивстави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се сведени на минимум, со оглед на високата поддршка од гласачите што ја ужива владејачката партија, односно поголемата партиска база. Финалната одлука да се кандидира, најверојатно, би можела да се должи на комбинацијата од притисок на дел од раководството на СДСМ да ја прифати кандидатурата, пред сѐ, поради блиските релации со Бранко Црвенковски и, можеби, одредени ветувања за поддршка од страна на ДУИ, во замена за одредени провизии кон оваа партија доколку стане претседател, што е поткрепено со фактот дека, како што известија медиумите, кратко пред да ја прифати кандидатурата, Пендаровски имал средба со високи функционери на ДУИ.
Третата причина, односно можност поради која настана конфузија во врска со кандидатот за претседател на државата предложен од СДСМ, можеби, се должи на судирот на интереси во самата партија, меѓу крилото кое сѐ уште го смета Црвенковски за врвен авторитет во партијата и тоа на новото раководство, односно на двоецот Заев-Шекеринска, со оглед дека, како што споменав претходно, Пендаровски се смета за исклучително близок до Црвенковски, кому му беше советник за време на неговиот претседателски мандат.
Пендаровски адут за преврат на Црвенковски?!
За многумина изненадувачки, но на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ имаше четири кандидати, а на конвенцијата на СДСМ само еден. Божиновски смета дека секој што тврди дека се залага за демократија, тоа прво треба да го покаже на дело во сопствената организација, односно во самите внатрепартиски изборни процеси. Доколку не успее во тоа, потенцира тој, партијата го губи својот демократски капацитет и затоа потенцијалните гласачи може да ја загубат довербата во прокламираните демократски принципи на управување од страна на партиското раководство.
Божиновски не го изненадуваат најавите за внатрепартиска битка меѓу Заев и Пендаровски за лидерската позиција во СДСМ. Судирот на интереси во партијата и веќе потврдениот антагонизам меѓу лидерската двојка Заев-Шекеринска и Црвенковски предизвикаа параноја кај сегашните челници, кои сакаат да ја сменат целата раководна структура на Бихаќка.
Божиновски: Токму поради тие информации ја наведов и третата причина поради која, можеби, настана конфузија околу самиот избор на Пендаровски како кандидат на СДСМ. Имено, со оглед дека тој се смета за човек близок на Бранко Црвенковски, можен е обид по изборите Стево Пендаровски да биде искористен како адут на поранешниот лидер на СДСМ и неговите поддржувачи во обидот преку него да го преземат тронот на партијата, аргументирајќи ги своите барања со подобар резултат на изборите, се разбира доколку тоа се случи. Затоа сметам дека Заев ќе се обиде целосно да ја рекомпонира новата пратеничка група на СДСМ, поставувајќи свои луѓе на добитните позиции, токму од причина да биде во подобра позиција во битката за превласт по изборите.
Изборите како чистилиште за СДСМ
Гледано од страна, една работа е јасна – советникот, за разлика од самурајот, нема ниту една финансиска афера или тендер зад себе. Дури и кога на Бихаќка со несмалено темпо би продолжиле со аферџиските кампањи, процената е дека другата страна не би имала што да одговори за новиот лидер, а актуелниот би завршил како колатерална, тендерска штета, потег со кој СДСМ би се амнестирал од товарот на тендерската сага поврзана со неговото цело генеалошко стебло. Како и да е, и натаму останува чувството дека над седиштето на Бихаќка во утринската магла се наѕира насмеаното, брадосано лице на социјалдемократскиот спасител, отелотворен во поранешниот лидер, оригиналниот државник од пред точно една деценија, кому, можеби, и не му е мило што некој толку лесно ја предаде неговата омилена титула, ниту, пак, што го употреби идентичниот вокабулар од победничката 2004 година. Но, целта ги оправдува средствата, а титулите во политиката се минлива категорија…
Велат, еднаш претседател – секогаш претседател. Не ќе да е така. Да, сите и ден-денес велат претседателот Глигоров, но, исто така, сите велат, иако ретко, поранешниот претседател Црвенковски.
(Пишува: Љупчо Цветановски
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



