Причината за стравот кај голем дел од опозициските активисти се базира на неофицијалните и на официјалните рејтинзи што кружат низ јавниот простор, но, пред сѐ, и на недостигот од енергија во опозицискиот кампус.
Една од шокантните информации од конгресот на СДСМ е неприсуството на преку 100 делегати, кои требаше да присуствуваат при гласањето за Пендаровски. Навистина е чудно да не дојдат сите делегати, но и сите вистински симпатизери на партијата, на настанот што може да биде пресвртна точка за најголемата опозициска сила во Македонија. Дали и тие чувствуваат дека рејтингот не им е наклонет и дека партијата се соочува со уште еден тежок пораз во низа или се незадоволни од начинот на кој се избираше кандидатот за претседател, нема да остане неразјаснето. При расчистување на сметките и барањето одговорност по изборите, ќе мора да биде даден одговор и на ова прашање.
Состојбата е најкомпликувана за Зоран Заев. Струмичкиот градоначалник по девет месеци од изборот за претседател влегува во сериозна битка по која, можеби, ќе мора да се посвети само на водењето на родниот град. Приказните што кружат во политичките кулоари, според кои Заев не влегува на изборите со императив да победи, туку само да се ослободи од приврзаниците на Црвенковски, во пратеничката група веќе не се актуелни, ниту важни. Секаков пораз на Заев ќе значи темелно преиспитување на неговото влијание на резултатот од изборите, особено на последиците од неговите идеи, политика и гафови. Иако во СДСМ официјално нема фракции и крила, јавна тајна е дека во судирот меѓу „провинцијалното крило“ , „скопското крило“ и „старото крило блиско до Црвенковски“, најголема опасноста да настрада има токму лидерот на партијата.
А, рејтинзите, барем тие до кои дојде „Република“, се неумоливи. СДСМ не може да анимира повеќе од 280 илјади гласачи на овие избори. Дури и ако успее да придобие дополнителни педесетина илјади граѓани од неопределените, сепак тоа е премала бројка за успех против ВМРО – ДПМНЕ, која пред речиси една година успеа да собере неочекувани половина милион гласови на локалните избори. Аналитичарите и статистичарите не можат да најдат една причина што би можела да влијае на драматична промена на ставот кај овие луѓе.
За разлика од СДСМ и од Пендаровски, кои својата база на претседателските избори можат да ја зголемат со гласачите од ДУИ, кои, сепак, не можат да го променат односот на силите, Заев не може да се надева на поддршка од Ахмети. За разлика од претседателски избори, кои се неважни за ДУИ, и од локалните избори, кога во Куманово градоначалникот на СДСМ беше избран со албански гласови, на парламентарното изјаснување најголемата албанска партија во секој случај ќе гласа за себе.
Дополнителна опасност на среден и на долг рок за социјалдемократите претставува и анимозитетот кај голем дел од македонските гласачи доколку стане јасно дека, во обид да се вратат на власт, влегле во изборни договори за албанските гласови. Во тој случај, опозицијата можеби ќе успее да се приближи до ВМРО-ДПМНЕ, но долгорочно ќе мора да најде начин за да објасни зошто „шурувала“ со ДУИ во исто време кога Груевски се обидува со освојување 62 пратеници да ги одбие уцените за зголемена употреба на албанскиот јазик и други барања што не се дел од Рамковниот договор. Притоа не треба да постои сомнеж дека доколку се случи неформална коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, Груевски и неговиот маркетиншки тим ќе знаат добро да го искористат тоа во јавноста.
За разлика од Пендаровски, кој првпат се соочува со гласот на народот, овие избори не мора да бидат крај на неговата политичка кариера. Секој глас повеќе од тие што ги освои Љубомир Фрчковски во 2009 година ќе бидат капитал кој му гарантира политичка иднина во редовите на опозицијата. Ако, пак, тој освои повеќе гласови од тие што партијата ги освои на последните локални избори, тогаш се отвораат нови опции, во кои голем дел од членството токму него го гледа за лидер на опозицијата.
Пендаровски веднаш нападна
Советникот мора да влезе во рововска битка ако сака победа
Пендаровски не губеше време и уште во самиот говор откако беше избран за кандидат за претседател на СДСМ го нападна актуелниот претседател. Невообичаено, дури и неприродно за професорот Пендаровски кој никогаш претходно не влегол во дуел со друг политичар или јавна личност, директно го навреди претседателот Иванов изјавувајќи дека Македонија во последните пет години немала претседател. Кабинетот на претседателот до затворање на овој број на „Република“ не реагираше на навредливите зборови на Пендаровски, кој обвини дека Иванов ја деградирал претседателката функција и дека е владин службеник што ги аминува одлуките на Собранието и на Владата. Со тоа Пендаровски директно ја фрли ракавицата за интензивна јавна битка со актуелниот претседател, кој, без разлика дали ќе учествува во директна дебата, нема да му остане должен за острите зборови. Во таа пресметка, како што се случува од 2011 година наваму кога сите политички фактори премолчено се согласија на битка на границата на фер игра, може да се очекуваат многу ниски удари на кои, сепак, Иванов е многу поотпорен затоа што во последните пет години често беше цел на такви напади.
За многумина останува енигма на што го темели Пендаровски својот оптимизам за победа против четири години поискусниот противник . Кои се тајните оружја што треба да го премостат не само слабиот рејтинг на партијата што го номинира за претседател, туку и неговиот личен рејтинг во руралните средини. За разлика од интелектуалното јадро, кое со внимание ги следи дебатите во кои учествувал Пендаровски, најголем број од обичните граѓани не знаат кој е неговиот концепт. Со оглед на распоредот на силите во медиумите, тешко е да се очекува дека Пендаровски за време на кампањата ќе може да влезе во главите на тие што повеќе се ангажирани со проблемите на Шехерезад и на Сулејман отколку со дипломатијата, економијата или одбраната.
Од тој аспект, интересно е да се види како СДСМ и Пендаровски ќе настапат во кампањата. Што е тоа што дава надеж на предизвикувачот особено ако се знае дека општите фрази за подобар живот и достоинство не минуваат веќе кај обичните граѓани ако за нив нема конкретен план со конкретни мерки. Уште полошо за него е што малкумина веруваат дека Иванов не сака да ја види Македонија богата и среќна како што тоа го бара Пендаровски. И на крај, Пендаровски, покрај со својот конкурент, ќе се соочи со повеќе од 73 проценти од македонските граѓани што сметаат дека актуелниот претседател е чесен човек и по пет години поминати во претседателската фотелја, капитал кој во политичката реалност може да се третира како суво злато.
Иванов – Пендаровски – споредба
Екипата на „Република“ се обиде да направи кратка компаративна анализа на односот на силите меѓу претседателот Иванов и предизвикувачот Пендаровски, онака како што ги перципираат обичните граѓани, кои на крајот ќе го дадат мандатот на едниот од нив.
Ѓорге Иванов
– Народен човек
– Познавач на историјата и на науката
– Активен во невладиниот сектор
– Се залага за традиционални вредности, активен во решавање на црковниот спор
– Проактивен оптимист (Македонија ќе опстане и со грчката блокада)
– Отвореност кон сите од кои може да има дипломатска корист
– Русија може да биде еден од стратегиските партнери
– Економската компонента е дел од дипломатијата
– Името и идентитетот не се предмет на преговори
– Парламентот е место за дијалог
– Идеалист и поборник за меѓународно право
Стево Пендаровски
– Кабинетски играч
– Коментира само актуелни теми
– Не бил дел од граѓанска иницијатива
– Секуларен урбан елитист
– Аналитичен дефетист (ако РМ не е дел од ЕУ и од НАТО, ќе пропадне)
– Прозападни интереси како единствен приоритет на РМ
– Сомнежи за поблиски односи со Руската Федерација
– Дипломатија од стара школа
– Влезот во ЕУ и во НАТО единствен приоритет
– Лидерски средби најдобар механизам за кризни ситуации
– Прагматичар
(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.