Покрај расчистувањето на дилемите за поддршката на владините политики во јавноста и надминувањето на кризата во коалицијата на власт, заедничкото спроведување на претседателските и на предвремените парламентарни избори ќе донесе уште еден ќар за државата, финансиски. Доколку Македонија се одлучеше сега да организира претседателски, а в година или поточно за 9 месеци по претседателските се одржеа редовни избори, државата ќе потрошеше 11 милиони евра. Со двојните избори, кои ќе се одржат следниот месец, предвидената заштеда се движи до над 4 милиони евра.
Одржувањето на предвремените парламентарни избори заедно со претседателските избори ќе донесе заштеда во делот на исплаќање на членовите на изборните комисии и, генерално, за трошоците за организација на секои избори. Според процените на експертите, доколку вонредните парламентарни избори не се одржеа во исто време со претседатеелските, ќе беа потребни најмалку над 10 милиони евра за двата циклуса. Пресметките на Државната изборна комисија, велат дека државната каса ќе заштеди речиси 40 проценти од средствата ако имаше посебни избори сега и в година.
Заедничкиот буџет за двата изборни циклуси, кои ќе се одржат на 13 и на 27 април годинава, што го усвои ДИК сега ќе биде на дневен ред во Министерството за финансии, кое ќе треба да одговори по барањето на Комисијата. Кампањата за предвремените парламентарни избори почнува на 5 април, а за претседателските избори почнува на 24 март. Предизборен молк ќе има на 12 и на 13 април, пред првиот круг од претседателските избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.