Јавното обвинителство покренало преткривична постапка за случајот „Актор“. Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, денеска соопшти дека од Управата за финансиско разузнавање синоќа добил предмет во кој се бара блокирање имот и сметки за најмалку две трговски друштва. Со оглед на тоа дека истрагата сѐ уште траела, Зврлевски не ги открива имињата на фирмите кои се под истрага, ниту соопшти дали станува збор за домашни или странски трговски друштва.
Реагирајќи по барањето на Управата за финансико разузнавање, Обвинителството утрово ги блокирало сметките на фирмите.
Зврлевски вчера најави дека ги чека да реагираат од Управата за финансиско разузнавање и Финансовата полиција.
Во врска со случајот „Актор“, Управата за финансиско разузнавање соопшти дека навремено, во согласност со ингеренциите, ги има преземено сите дејства. Управата на 11 ноември 2013 година има отворено предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување постоење одговорност.
„Во целиот овој изминат период се вршат проверки и соодветни дејствија за обезбедување факти, докази и аргументи кои се од битно значење за понатамошното одвивање на целата постапка, која сѐ уште трае, а за чиј епилог јавноста ќе биде соодветно информирана“, стои во соопштението од Управата.
Оттаму додаваат дека „изнесувањето определени информации во врска со овој случај во јавноста и со манипулацијата со нив во дневно-политички цели, свесно или не, се прави штета за одвивањето на целиот случај.
СДСМ обвини за сомнително подигнување 3,5 милиони евра готовина од грчки државјани, од филијалата на Стопанска банка во Неготино, од сметката на грчката компанија „Актор“, која го гради автопатот Демир Капија – Смоквица.
Делницата се гради со 220 милиони евра пари од Европската банка за обнова и развој, како и со донација од 45 милиони евра од Европската унија. Оттаму нема коментар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.