Студентите на Факултетот за земјоделски науки и храна денеска имаа можност директно од ресорниот министер Љупчо Димовски да слушнат за креирањето на македонската аграрна политика, состојбите во земјоделството, проблемите, нивното решавање, соработката со науката, производителите, преработувачите.
Димовски го почна предавањето со вовед за карактеристиките на нашето земјоделство во 60-тите години, во периодот на распаѓањето на Југославија и во времето на транзицијата.
Тој потенцираше дека земјоделските производители се најранливата категорија граѓани на кои треба многу да се внимава токму поради фактот што беа на работ на егзистенција. Неопходно е, нагласи, уште многу да се работи за подобрување на нивниот статус.
– Земјоделството, генерално, е комплексна гранка оптоварена со многу фактори, временски прилики, пазарни услови, конзервативноста на производителите, кооперативност. За да се почувствува каков било ефект и од најдобрите мерки, потребни се најмалку 20 години. Тоа го прави секторот исклучително сложен и затоа особено се внимава при носењето какви било одлуки кои би требало да поттикнат развој – посочи министерот.
Расцепканите, ситни површини, ниското ниво на образование и релативно слабото познавање на производниот процес, малиот пазар кој не е доволен да ја апсорбира продукцијата, стандардите за извоз, се само дел од актуелните проблеми.
– Климатските промени се дополнителен проблем, нивното влијание веќе се чувствува, а на тоа предупреди и Светската организација за храна и земјоделство (ФАО). Посебно загрозени се пелагонискиот регион, Повардарието, регионот од Куманово до Крива Паланка, како и дел од Струмичко. Долгата суша со екстремно високи температури и наглите обилни врнежи ги прават посевите многу ранливи и подложни на зарази што потоа резултира со низок принос – рече Димовски.
Тој уште еднаш нагласи дека Македонија мора да го надмине и проблемот со малите парцели. Обработливите површини кои во просек изнесуваат 1,4 хектари, најчесто се поделени на најмалку пет кои не се наоѓаат на едно место, туку се прилично оддалечени
едно од други, а не се ни блиску до патната инфраструктура поради што производните трошоци се поголеми.
Во ваков случај, но и во сите сегменти, потенцира, е нужна соработката со науката, со Факултетот. Експертите кажуваат како да се произведе сертифициран семенски материјал од автохтони сорти кои се најсоодветни за нашето поднебје, што, пак, е основа за издржливост и висока, здрава, квалитетна продукција.
– Сите едногодишни програми за поддршка на земјоделството и руралниот развој се носат во соработка со професорите. Дел од вас во иднина ќе бидат на моето и нивното место, ќе одлучуваат за политиките, ќе носат мерки, решенија, ќе решаваат проблеми – рече
министерот, обраќајќи се на студентите.
Додаде и дека секоја мерка што се спроведува во насока на создавање современо, конкурентно земјоделство, мора да биде поткрепена со анализи кои ќе дадат потврда за нејзината исправност.
Димовски објасни дека комплексноста при одлучувањето, меѓу другото, се однесува и на ингеренциите со оглед дека многу елементи од ланецот „од нива до трпеза“ не се во надлежност само на Министерството за земјоделство, туку за нив „одговараат“ и други
институции, министерствата за економија, за животна средина, за финансии.
– Добрата хигиенска пракса, примената на еколошките мерки, минимизираната и соодветна употреба на хемиските препарати, постојаната обука на производителите, соработката меѓу сите инволвирани страни, користењето сертифициран семенски материјал и современа, модерна механизација, остануваат клучни фактори за конкурентно земјоделство – порача министерот Димовски.
Студентите по предавањето, кое го отвори деканот Драги Димитриевски, поставуваа прашања, разговараа со министерот за се што ги интересираше од секторот. Димитриевски претходно ја нагласи потребата од натамошна дорба соработка на науката со државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Предавање „Ритамот и звукот на Африка“ во Музеј на Македонија
-
„Африканскиот колонијализам и воајеризам: разликата како спектакл“ – предавање на Илина Јакимовска во Музеј на Македонија
-
Предавање на Лиса Нојберг во МСУ
-
Димовски: Вице-евро-рекордери во полнење кутии на гласање, кривична одговорност мора да има!