| четврток, 6 декември 2018 |

„Југохром Фероалојс“ во мисија за добивање интегрирана А-дозвола

ademi
Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми, заедно со заменик-министерот Стево Темелковски денеска беше во посета на фабриката „Југохром Фероалојс“, во врска со исполнувањето на оперативниот план на овој металуршки комбинат за почитување на еколошките стандарди, односно добивањето на интегрираната А-дозвола.
Согласно Законот за животна средина, 1 април оваа година е рокот кога сите фирми треба да ги исполнат еколошките стандарди.
– Владата реши да нема продолжување на рокот за исполнување на еколошките стандaрди. Сепак, на компаниите им останува можноста сами да побараат продолжување на рокот за определен дел и тоа за краток период. Но, одлуката дали ќе се дозволи тоа не е во моја надлежност, туку во надлежност на Владата. Што се однесува до „Југохром“, тие имаат спроведено околу 14 мерки, а заедно со општината ќе работат на прочистувањето на комуналните води и изградба на пречистителна станица. Како главен проблем останува
поставувањето систм за отпрашување на отпадните гасови од постројката, како и уште 5 мерки што зависат од него – изјави Адеми.
Според него, од „Југохром“ веќе е ангажирана фирма што ќе работи на проектот за отпрашување, а министерството ќе продолжи не со притисок, туку со секојдневни и постојани контакти со сите фирми да ги завршат потребните работи за почитување на еколошките
стандарди.

Адеми напомена дека од металургијата освен „Југохром“ и „Макстил“ не ги исполнил сите стандарди, а максималниот рок за кој може да се добие пролонгирање за определен дел од активностите и мерките е 5 години.
Според генералниот директор на „Југохром Фероалојс“, Бранислав Ѓурѓевиќ исполнувањето на еколошките стандарди е важна работа за фабриката.

– Сите договори за изведување на работите за исполнување на еколошките стандарди се во тек, а најголема инвестиција од околу 10 милиони евра отпаѓа на отпрашувањето кое за жал не е започнато навреме пред 5-6 години. Сакаме фабриката да работи додека се изведува овој процес односно тој да тече фаза по фаза кога ќе се исклучуваат печките. Во првата фаза што веќе е започната планираме да бидат опфатени двете најголеми печки кои претставуваат околу 60 отсто од нашето производство. Очекувам дека работите за целосно завршување на отпрашувањето на овие две печки да траат најмногу две години додека останатите печки се помали и тука побрзо би се завршиле сите активности – изјави Ѓурѓевиќ.
За време на денешниот состанок од страна на раководството на фабриката беа претставени сите мерки што тие ги преземаат согласно законските прописи за заштита на животната средина и мониторингот што го вршат на квалитетот на воздухот и водите како и управувањето со отпадот.
„Југором Фероалојс“ моментално работи со вклучени сите седум печки и со околу 1200 вработени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top