| четврток, 6 декември 2018 |

Се бара идејно решение за „Етно село Приго“

Проектантските бироа се поканети да учествуваат на Конкурсот за изработка на архитектонско урбанистички проект со идејно решение за идниот туристички комплекс „Етно село Пирго“, објавен од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Струмичката општина Ново Село планира да инвестира во изградба на традиционални куќи за ноќевање, сувенирници, ресторан, занаетчиски работилници и винарска визба, но и хортикултурно да го уреди целиот простор. Пред да започне остварувањето на замислата, неопходно е да се комплетира урбанизацијата на просторот со површина од 14,2 хектари. Туристичкиот комплекс е планирано да се гради над селото Мокриево, сместено помеѓу Смоларските и Колешинските водопади, на локацијата на која се водела битката на Беласица во 1014 година. Причината за реализација на овој проект е недостигот на туристички капацитети за сместување на посетителите, а на територијата на оваа општина се наоѓаат познати историски локалитети и природни убавини кои го привлекуваат вниманието на туристите.

Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 31 март. Победничкиот труд ќе го избере стручна комисија, врз основа на следниве критериуми: оригиналност, креативност, инвентивност и економичност на понудените решенија (40 бода), функционалност (30 бода) и естетика (30 бода). Првата награда на распишаниот конкурс е во висина од 100.000 денари, втората награда изнесува 50.000 денари, третата награда е во вредност од 30.000 денари, додека петте следно рангирани решенија ќе добијат по 9.000 денари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top