Кога ќе се спомене Викса, асоцијацијата е радио, интересни коментари, смеење… Во негово присуство секогаш се очекува тој да направи атмосфера, да биде тој што ќе предизвика солзи од смеење… А, сепак, тој е само човек, она суштество што се смее, но и плаче, што знае да се радува, но и да чувствува болка. Но, барем досега, не дозволил јавноста да знае за другата страна…
Од „Сити радио“ реши да „слушаш во боја“. Што беше пресудно за да преминеш во „Радио слободна Македонија“?
Викса: Апсолутно метафизичко прашање. Ќе одам од мојата страна на одговорот. Јас не можам да напуштам дел од себе, како што ни „Сити“ не може да постои без мојот темел (дел). Сакам да кажам, вграден сум во време, простор и матрица која се нарекува радиски етер, тоа е минато како време. Ако ѕирнеш, таму сѐ уште постојат убави моменти и енергија. Утринско дружење, будење, шегување, предлози за брак, корпи, понеделници и вторници кои сме ги искусиле заедно. И да сакаш, не можеш да се напуштиш себеси. Единствената константа на нашиов свет е промената, која е умно да ја практикуваш кога ќе го почувствуваш моментот. Пливам по течението на мојата кариера и се радувам на секое ново искуство. Мислам дека боите ќе ни дадат нови уживања и убави искуства. Верувам и публиката е расположена за една убава прошетка на нова дестинација наречена „Радио слободна Македонија“.
Како успеваш да станеш толку рано и секогаш да бидеш полн со енергија (читај, уста да не затвориш)?
Викса: Кој рано станува, значи рано и си легнува. Нормално дека ми помагаат два полудигитални петли кои располагаат со удирачка секција, буре ладна вода и казан топло кафе. И задолжителен поглед кон постерот на Венизелос за, и да сакам, да не можам да заспијам. Има некоја интересна убавина во станувањето рано наутро, ама знае да биде тешко понекогаш. Особено во октомври, ноември …
Често те слушаме во ноќна емисија, а веќе следното утро повторно си од 7 часот во студио. Остануваш да спиеш во студио или?
Викса: Ова е супер забелешка. Најчесто таков распоред се прави кога некоја нова станица се појавува и се претставува на пазарот. Тоа е доста набиено темпо, кое го поставува менаџерот на тимот и како практика обично трае неколку месеци за да се позиционираме подобро како радио и секој нареден ден да е подобар од претходниот. Тоа темпо е максимално заморно ако не си ја сакаш работата, во спротивно станува збор за уживање, споделување шеги во друштво оти имам толку фраерски другар, пријател и, пред сѐ, добар човек, кој е сместен во згодното тело на мојата колешка Елена Стојановска. Со добар тим ништо не е невозможно, а со Елена сме повеќе од добар тим. Програмската шема ќе се разместува и моделира според потребите на слушателите, се надевам дека нема да ми здодее. Првиот момент штом ќе почувствувам замор, одам на одмор. На колку и да е дена, па така им препорачувам одмор на многу досадни фраери и фраерки бидејќи нѐ замараат, а се замараат и себеси. Нема да бидам конкретен, а мислам на сите вакви јавни личности од сите страни на пирамидата.
Дали ти е смачено што луѓето очекуваат од тебе постојано да си насмеан и да ги смееш? Во една пригода имаш изјавено дека си раскинал со Виска и си се запознал со Виктор.
Викса: Дали ми се смачува од Викса? Да. И секогаш кога е така, се дружам со Виктор. Има една изнудена шегувачка енергија кога сум во маки, па и луѓето најчесто се чувствителни. Мислам дека тоа е доблест кај нашево племе. Да се закачаат сите со муабет, и тоа е убаво, т.е. мене не ми пречи, но ако не ми се зборува, па и не ме закачаат. Кога сум надвор од Македонија, повеќе се дружам со Виктор. И така човечки вечно си фалиме сами на себе. Тој што ја измислил „презаситувачката“ како состојба ги измешал работите (се смее). Долго работам јавна работа. Сега сум активен од понеделник до петок. По три часа секое утро на радио во етер, за подготовки да не правиме муабет, ноќна во четврток, „Бинго бум“ и „Време за среќа“ во понеделник, па таму кај што некој среќник ќе „изгребе“ кола или некоја друга награда од многуте на Лотарија, се сликаме, си честитаме и така секоја недела. Обично низ Македонија на честитање добивки се оди преку викенд. И кога ќе видиш, летнала неделата. Во меѓувреме, поткраднувам време да се видам со моите најблиски, да прочитам книга, да гледам филм и надоградба за да имам што да дадам. Морам да го полнам мојот резервоар, а тоа најлесно ми успева со гледање во сонцето… за „сангејзинг“ другпат.

Бинго бум? Од каде Викса како водител на бинго? Џамбазов се повлече, дојде Викса.
Викса: Бингото или поточно проектот „Време на среќа“ е нов проект на Државна лотарија на Македонија. Во една емисија се сместени повеќе игри кои нудат разни премии, а премиите се условно зависни од уплатата. Уплатата е променлива и не е константна, исто како и животот. Тој е променлив и непредвидлив. Денес уплаќам пет среќни бројки и ако треба ќе ми се падне премија, а ако не ми е пишано, нема да добијам ништо. Сите ние најчесто чекаме премија, но забораваме да уплатиме. Ова го мислам глобално. Ако не уплатиш (факултет, знаење, надоградба, труд), а само чекаш премија, тогаш стануваш еден од тие што вечно бараат местенка, дупка во системот, задна врата , дубара…..за политиката важи истото. Јас го слушам мојот внатрешен глас и така ги донесувам одлуките.
Имам водено сѐ, секакви видови манифестации, освен „Златна бубамара“. Ова е твоја изјава кога беше на листата за советник на Карпош.
Викса: Понекогаш сум преоптимистички настроен, ама така ми е интересно. Правам свое толкување и така прелетувам преку досадната страна на реалноста. Така влегов на листа на советници кај независната Мила, сестра на Ранко Бубамара…. Со Ранко сме генерација… радиска… иста берба… Тоа не беше сериозно сфатено од моја страна иако имав сериозни и фраерски предлози.
А сѐ уште сметаш дека имаш што да предложиш за Карпош? Уште си на идеја дека е потребна онаа движечка лента за да ги носи луѓето до центарот на градот?
Викса: Тоа е едно од фраерските решенија – лентата ќе работи на струја и ќе се движи кон Центар по „Партизанска“ и обратно на местото на дрворедите меѓу коловозните ленти. Значи, застануваш на неа, таа те носи како куферите на аеродром, си разговараш, читаш, нема стрес…, еден чекор и се симнуваш – еколошка подвижна транспортна лента. Следен проект, базени за летно рекреирање и анимирање на секои три згради по еден, со шанк и атмосфера за дружење на комшиите….. Ееее, колку сакаш. Ама добрата идеја нема рок на траење. Може со Стевчо ќе ги реализираме… Знам дека сега е претседателски настроен во своето работно време, но еве вака преку вас да се пофалам дека имам тим и маркетиншка агенција која има идеи како сите да живееме поубаво и поисполнето. Неколку врвни мозоци кои размислуваат во иста насока. Ние сме подготвени. Отворена понуда до сите градоначалници. Јас сум лесен за наоѓање. Тоа што треба, ќе се случи, тоа што не треба, нема да се случи. Се враќам на бингото, тоа е игра која има слични правила како и животот… Ги разбирам и играчите, и неиграчите, и сите останати….
Следуваат избори. Имаш доволно години за да се кандидираш за претседател на Македонија. Каков би бил твојот слоган кога би се кандидирал за таква позиција?
Викса: Самиот збор „кандидатура“ можеме да го поделиме на два начина: кандида-тура (или става кандида) и кандидат-ура (или ура како извик при радување на кандидатот). Оттука се гледа дека едно „т“ понапред или поназад прави голема разлика. Јас не би се кандидирал за претседател уште осум години. Ми фали уште малку мудрост. Ама ако мора да кажам слоган, тогаш би играл на „Патриот со смисла за хумор“ или „Наш, а и ваш – тој не знае да прави аш“ (аш – извик што се употребува кога ќе снема некое материјално јавно добро). Некако не ме привлекуваат функции сѐ уште, сакам добри идеи, сакам добар бреин стриминг, сакам да се потсетуваме на едноставните секојдневни нешта во живеењето.
Неодамна во емисијата „Тунел“ првпат проговори за нешто што јавноста не го знае – проблемот со срцевиот мускул, здравствен проблем со кој си се соочил уште на двегодишна возраст. Ти успеа да го извадиш позитивното од тоа – лежењето дома, читањето, следењето на сѐ што е ново и актуелно те смести во општеството таму каде што припаѓаш. Дали оптимизмот и позитивната енергија се најважни за да се излезе од кој било проблем?
Викса: Да, во емисијата „Тунел“ на МТВ споменав дека сум имал разни искуства, здравствени компликации кои впрочем биле само подготовка на тоа што следува. И така е цело време. Сум мислел дека во моментот ми се случува неправда, трагедија и сето тоа што ни го шепка стравот. Ноќе, кога сите спијат, сме биле исти, ама кога ќе се разбуди денот и сите одат некаде, а ти си врзан за кревет… Глупаво е да туркаш ѕид со глава. А ако веќе мора така, тогаш ќе има и книги, и играчки, и ТВ, и радио, па сега интернет… ееее да набројувам уште? Муабетот ми е дека животот е адаптација и понекогаш не е како што ние мислиме дека треба да биде, ама тоа ја прави играта интересна…. Убаво е да се насочиш себеси правилно, а за тоа се потребни план и, најбитно, добра мисла. Имам лични ритуали кои ме потсетуваат дека ќе биде подобро или така како што треба да биде, наше е да искусиме колку што ни треба и да бидеме среќни. Без грижа, бидете среќни денес и не штедете радување и веселост за утре. Испразнете се денес за да имате простор за нова среќа. Ако не испразниш, нема да наполниш, нели?
Ќеф ми е што „Република“ направи простор за да си поприкажеме за обичните теми на живеењето и што воопшто се читаме и заеднички се вртиме на планетава во ист момент и дефинирано време. Тоа е неповратно време. Кога би можел да отпатувам некаде нанапред, иднината би била мојата дестинација. Не би се враќал назад. Нема зошто. Имам искусено сѐ од тоа што поминало, а тоа што доаѓа е ново и ќе биде такво какво што ќе решиме денес. Тоа што го фрлаш зад тебе, ќе го најдеш утре на твојот пат. За крај еден пример. Ако јас и ти имаме по едно јаболко и си ги размениме. Кога ќе се разделиме, пак ќе имаме по едно – јас твоето, а ти моето. Но, ако размениме по еден виц, јас ти кажам тебе, а ти мене, и двајцата ќе имаме по два вица. Добра математика, нели? Се читавме што се читавме, а сега дослушање на радио. Имајте убаво живеење до следната наша средба, каде и да е, ТВ, радио, интернет, а најфино во живо.
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Виктор Петров – Викса е објавено во 78. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


