Европската комисија (EK) побара зрела и конструктивна политичка дебата, заедно со слободни и фер избори во согласност со меѓународните стандарди од сите политички актери во Република Македонија.
Во однос на претстојните редовни претседателски и вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 13 и на 27 април, портпаролот на Комисијата, Петер Стано, во изјава за МИА побара успешно спроведување на новите измени на Изборниот законик, посочувајќи дека неформалната Влада на ЕУ ќе ги следи изборните случувања во нашата земја, која е кандидат за членство во Унијата.
– Знаете дека не е улога на ЕК да коментира за одлуки, датуми и за временски рамки за изборите, за кои во случајот со Македонија се одлучија во соодветен демократски процес. Единствено што можам да кажам е дека ние очекуваме овие избори да бидат слободни и фер, во согласност со меѓународните стандарди – истакна гласноговорникот на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.
Во името на Еврокомисијата, Стано посочи дека овие избори ќе се одржат во рамки на изборната рамка што беше неодамна изменета за да се решат прашањата што беа претходно покренати од страна на ОБСЕ и нивната канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
– Важно е новиот закон да биде правилно спроведен. И има уште еден важен елемент што сакам да го потенцирам, а тоа е потребата од зрела и конструктивна политичка клима и дебата во земјата во однос на овие избори – додаде портпаролот на ЕК, Стано.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.