| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: САД и Русија имаат големи разлики во врска со Украина

putin obama

Ставовите на Русија и САД во врска со Украина остануваат различни, изјави рускиот претседател Владимир Путин во декларација, објавена денеска од прес-службата на Кремљ.

Путин му рекол на Обама во телефонскиот разговор вчера, дека новите украински лидери дошле на власт со противуставен преврат и наложиле целосно нелегитимни одлуки за Украина – на исток, југоисток и во Крим – се наведува во декларацијата.

Во разговорот со Обама Путин ја заштитил руската политика во Украина, нарекувајќи ја „братска земја“ и го уверил претседателот на САД дека Москва не стои зад преземањето на Крим, каде е распоредена руската Црноморска флота.

Тој ги негираше обвиненијата на Западот, дека руски војници ги зазеле зградите на власта во Крим и изјавил дека вооружени лица се од локалните одреди за самоодбрана.

Претседателот на САД Барак Обама од своја страна го повикал рускиот претседател Владимир Путин да ги прифати условите за можно дипломатско решение на кризата во Украина.

Во нивниот втор телефонски разговор во изминатите шест дена, кој траел еден час, Обама му рекол на Путин дека влегувањето на Русија во Украина претставува кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа држава, соопшти Белата куќа. Обама во текот на разговорот ги изнел условите за дипломатско решение за кое се залагаат САД.

Според одредбите на договорот, Русија треба да ги повлече своите војници од базите во Крим, да дозволи меѓународни набљудувачи да оценат дали се почитуваат правата на  етничките Руси и да прифати директни разговори со украинските претставници.

– Претседателот Обама нагласил дека постои начин за дипломатско решение на ситуацијата – се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, градскиот совет на Севастопољ, град на Крим, каде е сместена руската Црноморска флота изгласа одлука што стапува на сила веднаш за придружување со Русија и прекин на сите врски со Украина.

Советот на Севастопољ исто така соопшти дека во целост ги поддржува одлуките на парламентот на Крим да одржи локален референдум на 16 март на кој околу два милиони граѓани на таа автономна област ќе се изјаснат за или против обединување со Русија. Новото украинско раководство ја отфрли одлуката на кримските пратеници како нелегитимна.

Од друга страна, главното Обвинителство на Украина поднесе барање во Киевскиот окружен суд за објавување за незаконска одлуката на парламентот на Автономната Република Крим за спроведување референдум.

– Со таа одлука се посега по територијалната целост на Украина, и се бара интервенција од органите на обвинителството – се вели во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top