| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски ги распиша предвремените парламентарни избори

trajko-veljanovski

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска ги распиша предвремените парламентарни избори на 27 април оваа година, односно на истиот ден со вториот круг на изборот за претседател доколку шефот на државата не биде избран во првиот круг на 13 април.

Решението за распишување на предвремените избори Вељаноски го потпиша откако вчера парламентот со 117 гласа „за“ и ниту еден „против“ и воздржан се самораспушти.

– Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за надворешни работи и до Министерството за правда – рече Вељаноски.

Тој истакна дека, како и минатиот пат, пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес.

– Уште еднаш сакам да ги повикам сите учесници во процесот за избор на претседател на Република Македонија и за изборот на пратеници, да постапуваат исклучиво во согласност со уставните и со законските одредби, да придонесат кон создавање мирна и демократска атмосфера во која секој граѓанин ќе може достоинствено да го оствари своето право на глас по свое лично убедување – изјави Вељаноски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top