| четврток, 6 декември 2018 |

Штипски лихвар се опарил со повеќе од 100.000 евра

ПС Виница поднесе кривична пријава за Г. Т. (38) од Штип, за сторени пет кривични дела „лихварство“, О. Т. (64) од Виница за соизвршителство, Н. Г. (42) и А. Н. (52), двете од Виница за злоупотреба на службената положба и овластување.

Имено, Г.Т. и О.Т. во периодот од 3 октомври 2008 година до 30 јануари минатата година, на пет лица од Виница и од Кочани им позајмиле 57.450 евра за што склучиле  договори, во кои била предвидена несразмерна месечната камата и се стекнале со имотна корист од 113.906 евра.

Н.Г. и А.Н. искористувајќи ја својата службена положба, а спротивно на банкарското и благајничко работење по барање на О.Т. на 30 и 31 јануари 2012 година во „Стопанска банка“ АД Скопје – филијала Виница, каде што и двете се вработени, без присуство на З.Л. (46), на нејзино име отворилe и активиралe трансакциона сметка на која О.Т. два пати уплатил вкупно 762.600 денари, колку што бил договорениот заем со камата за шест месеци со З.Л. (43), сопруг на З.Л. (46).

Исто така, А.Н., спротивно на одредбите на Упатството за благајничко работење без присуство на носителот на трансакционата сметка и овластено лице од негова страна и негово задолжително евидентирање на 30 и 31 јануари 2012 година на О.Т. му го исплатила наведениот износ, од кој тој, пак, на З.Л.(46) на рака ѝ го исплатил договорениот заем од 615.000 денари, а каматата од 147.600 денари ја задржал за себе иако истата била наведена во договорот за заем како основица на заемот, на кој начин се прикрива и на кој начин позајмиците ги дава со висока камата стекнувајќи се притоа  со несразмерна имотна корист.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top