Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе разговараат денеска во Париз меѓудругото и за кризата во Украина која не стивнува.
Тема на разговор ќе биде и идејата на германската канцеларка Ангела Меркел за основање на меѓународна контактна група за Украина. За претпладнето беше планиран состанок меѓу Кери и неговиот британски колега, како и вршителот на должност министер за надворешни работи на Украина, кој во последен момент е повикан во Париз, наведува агенцијата „Франс прес“.
Претходно, беше објавено дека Европската унија ќе ѝ помогне на Украина со 11 милијарди долари. Овој пакет е дизајниран да ѝ помогне на реформаторски ориентирана влада на Украина, наведе претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо. Овие пари ќе бидат издвоени од буџетот на Унијата, како и од меѓународните финансиски институции базирани во ЕУ. Од овие средства, 1,4 милијарди евра за Украина ќе бидат неповратна помош од страна на официјален Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.