| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Покажавме дека инвестирањето во инфраструктурата е наш приоритет

kuzmanovska-500

– ВМРО-ДПМНЕ останува доследна на ветувањата што ги дадовме. Ветивме декаќе ги реализираме проектот Коридор 8, поврзување со источниот сосед преку железничкиот сообраќај и тоа го исполнивме. Вчера беше поставен камен-темелник за почнување на проектот Коридор 8, кој важи за најголем инфраструктурен проект од ваков вид што се случил во државава. Овој проект кои граѓаните го паметат само како споменик на една транзиција и една голема лага од минатато, ние ќе го претвориме во нова порта кон светот – изјави Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција..

-Обврските што ги дадовме пред граѓаните мора да се реализираат.  Нивната доверба треба  секојдневно да се потврдува. Ние континуирано докажуваме дека  граѓаните можат да ни веруваат- додаде Кузмановска.

Поврзувањето со Бугарија преку железнички сообраќај и вклучувањето на Република Македонија целосно во меѓународниот Коридор 8 е еден од најголемите инфраструктурни проекти во државата, кој е воедно и еден од најкапиталните, најзначајните и најскапите проекти што се реализирале во Република Македонија.

– Реализацијата на проектот Коридор 8 ќе се одвива во 3 фази и ќе опфати вкупно 89 километри нова железничка инфраструктура.

Првата фаза е „Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце“, инвестиција вредна преку 40 милиони евра, само за градежни работи. Во првата фаза од проектот целосно ќе се реконструира постојната пруга во должина од околу 31 километар. Првата фаза од проектот ќе ја реализира реномираната германска компанија “Вибе”. Како и за реализација на првата фаза, така и во реализацијата на другите две, активно ќе биде вклучена македонската градежна оператива, но и многу други македонски компании. Ова ќе значи раздвиживање на македонската економија и севкупно раст на БДП во годините додека да се комплетираат сите три фази на  овој проект до 2022 година – истакна Кузмановска.

Втората фаза од проектот е изградба на железничка пруга од Белјаковце-Kрива Паланка, долга 34 километри и ќе чини околу 145 милиони евра во градежни работи.

Во  третата фаза од проектот ќе се реализира делницата Kрива Паланка-Деве Баир во должина од 24 километри и проценета вредност од 337 милиони евра за градежни работи. За оваа фаза како и за останатите две  ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициона банка и од фондовите на ИПА.

Реализацијата на проектот Коридор 8 во кој се опфатени сите 3 фази од реализацијата, ќе чини околу 527 милиони евра , само за градежни работи, сума која никогаш претходно не е инвестирана во железничката инфраструкура во Македонија од сите претходни влади заедно.

– Со реализацијата на овој проект се засилува соработката со Република Бугарија на економски план, се засилува трговијата и размената на продукти, исто така овој проект ќе има големо економско значење за целиот источен регион, но и за целата држава. Со оваа железничка пруга ќе се овозможи ново железничко поврзување со црноморските пристаништа, а со тоа и побрз транспорт на нашите производи во светот – додаде Кузмановска.

– Би сакале само да споменеме дека сериозноста во реализирањето на проектите, нам како политичка партија што е на власт, ни е на прво место и тоа сме го докажале безброј пати. Овој проект ќе се реализира. Ние тоа што го ветуваме, тоа и го реализираме. За разлика од нас една друга Влада и една друга партија во 90-тите во пресрет на изборите ветија и зад себе оставија само лаги и бетонски столбови кои и до ден денес сведочат за нивната несериозност. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека инвестирањето во инфраструктурата е наш врвен приоритет на кој континуирано работиме. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе се фокусира на инфраструктурни проекти кои ќе допринесат за брз развој и забрзана економија во Република Македонија. Споредено 2005 година и 2013 година, капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, што уште еднаш докажува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на ова поле повеќе од сите претходни влади заедно. ВМРО-ДПМНЕ, како сериозна партија ќе продолжи и понатаму да излегува во пресрет на сите предизвици и да се зафаќа со големи и значајни проекти, кои ќе допринесат за брз развој на Република Македонија – истакна Кузмановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top