Изработката на законите за геологија и за рударство, како и формирањето нов инспекторат за рударство и нова стратегија и правилник за мерките за заштита при работа, беа тема на разговор на денешната редовна средба меѓу Министерството за економија и Македонската асоцијација за рударство.
– Законот за геологија ќе ја опфати областа на деталните геолошки истражувања, а законот за рударство ќе се однесува на делот на експлоатација на минералните суровини. Обврска на новиот инспекторат за рударство ќе биде проверката на рудниците – изјави министерот за економија Ваљон Сараќини.
Во врска со новата стратегија и новиот правилник за мерките за заштита при работа, тој посочи дека Министерството во иднина ќе се фокусира на што е можно поголема имплементација на европските директиви и најдобрите светски искуства во делот на заштитата при работа.
– Моментално сме во преговори со консултанти од Чешка, Полска и Словенија, за да можеме најприфатливото законодавство од овие земји во областа на заштита при работа да го транспондираме кај нас – додаде Сараќини.
Претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов истакна дека во последните десетина години во Македонија интензивно се работи на усовршување на постоечките закони во областа на рударството.
– Со овие закони очекуваме дека ќе се приближиме до создавање подобри и пореални услови за работење на рударскиот сектор кој по 2005 година бележи подем. Се доделуваат огромен број концесии, но работата на концесионерите и добивањето дозволи за
експлоатација бара донесување и допрецизирање на многу закони. Ние ќе се вклучиме во нивното донесување со цел законите да бидат што подолгорочни и во нив да биде предвидено се што е нужно за добро на државата, но и за концесионерите и вработените –
рече Николов.
Тој посочи дека примената на новите законски решенија предвидува соодветни финансиски вложувања.
– Мораме тоа да го издржиме, бидејќи без нормативите кои владеат во Европа не можеме да одиме во Европа… Очекувам дека 2014 година ќе биде успешна во сите делови на рударството, а особено кај металичните суровини зашто на повидок е стабилизација на
цените на металите – рече Николов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.