| четврток, 6 декември 2018 |

Рударството страда од политичката криза

Доделувањето на концесиите што дополнително е одложено поради актуелната политичка ситуација, битно ќе се одрази врз рударскиот сектор, соопшти денеска Македонската асоцијација на рударството (МАР).

rudari

Според МАР, индустријата во овој сегмент веќе бележи негативни резултати. Производството е намалено, посебно кај металите, а тоа е главно последица од затворањето на рудниците „Тораница“ и „Злетово“.

Како што истакнаа претседателот и потпретседателот на МАР, Николајчо Николов и Шефки Алити, на прес-конференција во Стопанската комора, дополнителни проблеми на секторот му создаваат и недостигот од стручен кадар, високите провизии и камати на банките, како и скапата струја, посебно за каменоломите.

– И во вакви политички услови, државните органи треба да функционираат за да нема застој во стопанството, истакна Николов и додаде дека ако се реализираат најавените сценарија за ембарго на извозот од Македонија, тогаш рударството сигурно ќе има проблем.

Николов посочи дека Македонија од деведесеттите години наваму се уште нема отворено нов рудник, особено за метали, а тоа е врзано, рече, со многу инвестиции и пари за што се бара стабилна политичка ситуација.

Заеднички беше заклучокот дека со оглед на масовното иселување, Македонија многу брзо ќе се соочи со недостиг од стручен кадар. Кон ова, како што рече Николов, придонесува и образованието, односно податокот дека многу е мал бројот на квалификувани лица.

Македонската асоцијација на рударството апелира и на потребата од изготвување долгорочна стратегија за развој на целокупното стопанство со која конечно би се прецизирало и зацртало кои се приоритетите и што е нужно да се произведува за да се подобри односот на увозот и извозот.

Николов укажа и дека Македонија се уште е држава без фабрика за стакло, а не успева и од квалитетниот мермер што го поседува да добие финални производи, туку процесира блокови кои понатаму како полупроизводи ги извезува.

На прес-конференцијата беа предочени и нелојалната конкуренција во рударството поради се уште нерегулираните диви ископувања, како и недоволната контрола на квалитетот на градежните материјали – тема за која ќе се разговара на 31 мај, за кога е закажан нов состанок на МАР.

Во рударството моментно работат 133 претпријатија и над 300 во преработувачката на рударските производи. Бројот на вработени надминува 12.600. Бруто-домашниот производ во рударскиот сектор е приближно еден отсто. Лани бил остварен вкупен извоз од околу 155 милиони американски долари, а увозот изнесувал 115 милиони. Кај производството на неметални минерали извозот бил 51 милион долари, додека увозот драстично повисок, вкупно 295 милиони долари.

Оценката на МАР за 2016 година е дека извозот се реализира без поголеми тешкотии и вкупно во делот рударство и неметални минерали изнесува околу 40 милиони долари. Увозот, пак, е околу 90 милиони долари.

ТАГОВИ:

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top