| четврток, 6 декември 2018 |

„Не се клади на Енглези“ – прва премиера на малата сцена на МНТ

Режисер е Синиша Евтимов, а во претставата играат: Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ кој го направи и преводот на текстот, чиј автор е Владимир Ѓурѓевиќ

ne-se-kladi-na-englezi-4

„Не се клади на Енглези“ е првата претстава која премиерно ќе се изведе на малата сцена на Македонскиот народен тетар (МНТ) утре, на 4 март, во новиот објект. Режисер е Синиша Евтимов, а во претставата играат: Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, кој го направи и преводот на текстот, чиј автор е Владимир Ѓурѓевиќ.

Оваа претстава е актуелна во Србија и во Хрватска во последните 6-7 години и многу атрактивна, а во Македонија ова е втора изведба на текстот. Претходно, Кумановскиот театар ја постави на репрертоарот.

ne-se-kladi-na-englezi-8

Оливер Митковски

– Ова е проект инициран од тројцата актери. Сите тројца се во речиси сите претстави на репертоарот на МНТ и затоа решивме да ги поддржиме. Иако секој ден се во театар, тие смогнаа сили и направија прекрасна авантура со оваа претстава. „Не се клади на Енглези“ ќе се игра премиерно на малата сцена на МНТ, но ова не е официјално промовирање на малата сцена во новиот објект. Верувам дека по содржината и по атрактивноста, претставата ќе биде многу посетена – изјави директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.

Тројцата актери признаа дека одамна ја имале идејата да ја одиграат оваа претстава и од третиот обид се собрале и почнале да ја работат.

ne-se-kladi-na-englezi-5

Александар Микиќ

– Многу го мислевме насловот на претставата. Текстот во оригинал е напишан на сленг, така што решивме и ние во сленг да го напишеме насловот. Насловот е цитат од човек кој се спомнува 20-30 пати во претставата – вели Микиќ.

За режисерот Евтимов ова е исклучиво актерска претстава.

– Јас последен се приклучив на проектот. Лесно е кога работиш со професионалци. Кога дојдов, тие веќе го имаа научено текстот. Станува збор за три феноменални ролји кои се изработени низ документарен пристап – вели Евтимов.

Според актерите, станува збор за пријателски и семеен проект, во кој сите се вложиле максимално.

– Претставата иако е напишна духовито, не е комедија, туку драма, а она што се случува е карактеристично за посттранзициските земји во кои обложувалниците се единствена надеж за подобар живот. Во претставата тројцата пријатели се обложуваат на пријателството всушност – објаснува Митковски.

Фабулата во „Не се клади на Енглези“ се врти околу три лика – Паун, Пикси и Буле – тројца урбани триесетгодишници „заглавени“ во своите животни патишта и секој со своите проблеми, а заедничка нитка им е страста кон обложувањето.

ne-se-kladi-na-englezi-6

Сашко Коцев

– Поттекстот на претставата би бил „не обложувај се на луѓе“ бидејќи ова е претстава за едно труло пријателство – дообјаснува Евтимов.

Претставата е приватен проект кој е реализиран во сорабока со МНТ, а финансиски поддржан од компанијата „Тинекс“.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, а продуцент е Виктор Рубен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top