По пауза од речиси од две години, Општина Центар избра нова фима, која треба да ја доврши градбата на мостот.
Откако беше раскинат договорот со сплитски „Конструктор“, Општината склучи договор со ГП „Бетон”, кое за 1.250.000 евра треба да го доврши мостот.
„Осумдесет проценти од мостот ’Око’ се завршени. Градежната компанија ’Бетон’ има обврска во период од четири месеци од почетокот на градежните работи целосно да го заврши мостот“, велат од Општина Центар.
Паралелно со градбата, општинарите ќе ја водат и судската постапка со „Конструктор“, кој не ги испочитува условите за градба предвидени со договорот.
Општината ќе бара надомест на штета, која треба да ја утврди судот.
Мостот „Око“ почна да се гради во 2009 година. Според договорот, требаше да биде готов кон почетокот на 2011 година.
На него треба да стојат 29 скулптури на антички и на панонски кралеви, кнезови, војсководци, архиепископи и иконописци, кои се леени во српската леарница „Јеремиќ”, и веќе се пристигнати во Скопје. Скулптурите се во бронза, високи по три метри и чинат 170.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.