| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкуловска: Во Музејот на Македонија се крадело со години

Gordana_jankulovska-604x272

Несовесното работење на осомничените во случајот со исчезнувањето на артефактите во Музејот на Македонија се провлекувало многу години наназад, истакна министерката Гордана Јанкулоска на денешната прес-конференција што ја одржа заедно со шефицата на скопското обвинителство, Гордана Гешковска.

Како што соопшти министерката Јанкулоска, врз база на досега документираните сознанија, МВР поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела поднесе пријави против програмскиот директор и ракувач на депото во НУ Музеј на Македонија, за несовесно работење во службата, против поранешниот директор на Музејот злоупотреба на службената положба и овластување и присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, против едно физичко лице, златар од Скопје за поттикнување, како и против тројца вработени во установата, но и поранешниот прв човек на Управата за заштита на културно историското наследство за злоупотреби на службената положба и овластување.
Според досега документираните сознанија на МВР, пријавената кражба на предметите, односно несовесното ракување со нив се случило во перидот од 2011 до 2013 година.

– Можеме да кажеме дека во текот на истрагата дојдовме и до други фрапантни сознанија и факти. Имено, беа откриени огромен број на предмети што ни укажа дека несовесното работење во службата се провлекувало многу години наназад. При претресот во делот на работната просторија и службената канцеларија во НУ Музеј на Македонија, а кои ги користат двајца од пријавените пронајдени се вкупно 29.472 монети, а при увидот во инвентарната книга утврдено е дека до 1997 година евидентирани се вкупно 3323 монети, а од 18.01.2001 година до 15.09.2003 година вкупно 18 монети или севкупно во НУ Музеј на Македонија со инвентарни броеви евидентирани се 3341 монета – истакна Јанкуловска.
Со наредба на јавниот обвинител вчера беа извршени и претреси кај сите осомничени, при што беа пронајдени поголем број на археолошки предмети кои ќе бидат предадени на дополнително вештачење.

Меѓу другото, МВР информира дека се одземени четири керамички икони, три керамички ламби, една керамичка монета и една глава на женска фигура на постоље.  Понатаму две сребрени и пет бронзени фибули, повеќе бронзени монети, повеќе керамички археолошки предмети, клучеви од сеф од Музеј-Охрид, евидентни картони од Музеј-Охрид, како и една дрвена маска и една дрвена стрела, но пронајдени беа и една бронзена монета и осум археолошки предмети. Пронајдени се и метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок во тркалезна форма со изгравиран човечки лик од едната и лик од коњ од другата страна, 100 слики со монети од среден век, античко време, римско време и медалји од Ефес, осум белешки од музеј Неготино со податоци за монетите и осум цртежи од монети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top