| четврток, 6 декември 2018 |

Јанукович: Сѐ уште сум претседател

janukovic 1

Сменетиот шеф на украинската држава Виктор Јанукович сѐ уште се смета себеси за легитимен претседател на Украина, јави ИТАР-ТАСС.

– Сѐ уште се сметам за легитимен претседател на украинската држава, избран со слободна волја на украинските граѓани – посочува Јанукович во обраќањето до народот на Украина.

Не можам да останам нем на трагичните настани во мојата татковина. Сметам дека Спогодбата за надминување на кризата во Украина, која на 21 февруари 2014 година ја потпишавме јас и лидерите на украинската опозиција во присуство на почитуваните западни партнери, не е исполнета. Од улиците на многу градови во земјата ни се јавува екстремизам. Се упатуваат закани за физичка ликвидација кон мене и кон мои соработници, додава Јанукович во изјавата.

Тој упати молба до руските власти да му ја гарантираат „личната безбедност од активностите на екстремистите“.

Јанукович воедно им „нареди“ на украинските вооружени сили да не се мешаат во настаните во земјата.

„Ако некој им издаде такви наредби на вооружените сили и на безбедносните структури, тие ќе бидат нелегитимни и противзаконски“, дополнува Јанукович во „обраќањето до народот на Украина“.

Јанукович во вторникот, во текот на ноќта, пристигнал во Москва и бил виден во хотелот „Радисон ројал“, поранешниот хотел „Украина“. Тоа го потврдил извор близок до менаџментот на хотелот, но портпаролот на компанијата одбил да даде информација за гостите. Група луѓе речиси цела ноќ ја минале во ресторанот на 11. кат.

Во врска со настанот биле активирани тајните служби, биле преземени засилени мерки за безбедност, а не бил дозволен пристап дури ни за персоналот, пренесува БТА.

Во моментов соборениот претседател на Украина се наоѓа во Барвиха крај Москва, каде што се наоѓа санаториумот на руската претседателска администрација.

Украинската амбасада во Москва денеска беше недостапна за коментари.

Извор од руското МНР одговори дека неговото министерство се занимава со надворешна политика, а не со местото на престој на одделни граѓани, пишува рускиот медиум „Рос бизнис консалтинг“.

Поранешниот генерален обвинител на Украина, Виктор Пшонка, еден од најблиските соработници на Јанукович, исто така, е можно  да се наоѓа во Москва. Дописникот на РБК во средата во лобито на хотелот „Украина“ се сретнал со лице кое наликувало на обвинителот, додаде електронскиот весник.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top