| четврток, 6 декември 2018 |

Сараќини: До крајот на 2014 година 350 милиони евра странски инвестиции

saracini-valjon1

Министерот за економија Ваљон Сараќини одговори на поканата на Советот на странски инвеститори и одржа средба со раководството и компаниите кои се дел од овој совет, кој брои 100 компании. Целта на средбата беше запознавање со годинешните планирани активности на Советот и изнаоѓање на модули за продлабочување на соработката меѓу домашните и странските инвеститори, известуваат од министерството за Економија.

Министерот Сараќини го изрази задоволството од активноста на Советот на странски инвеститори и компаниите кои се дел од него, бидејќи заеднички придонесуваат за економскиот развој на државата и одиграа особено важна улога во надминување на кризата која го зафати целиот регион. Како што истакна министерот за економија тоа ефектуираше со значително зголемување на БДП во 2010 и 2012 година, а особено во 2013 година за околу 3,2%, кога дојде и до стабилен и значаен годишен пораст на индустриското производство од 3,5% на годишно ниво.

„Странските инвестиции за економијата имаат повеќедимензионално значење. Тие придонесоа за зголемување на пазарната конкуренција и зголемување на извозот, па во 2013 година од погоните на овие компании во странство завршиле производи вредни 760 милиони евра, што претставува 25 отсто од вкупниот извоз на Република Македонија, а според проекциите, за 2014 година се очекува уделот да се искачи на 33%“, рече Сараќини.

Тој го истакна значењето на странските инвестиции и во диверзификација на производите што се извезуваат во странство, потсетувајќи дека листата на донеодамна традиционалните главни производи од домашните металска, текстилна и хемиска индустрија, кои имаа доминантно место во извозот, сега е проширена на производи кои се произведуваат во претпријатија со СДИ, како што се катализаторите, автобусите, автомобилските делови, хомеопатските производи.

„Со оглед на состојбите во европската економија, најавите кои ги имаме и подобрената инфраструктура и бизнис клима, очекуваме тенденција на раст на инвестициите, па проекциите се 2014 година да ја завршиме со околу 350 милиони евра СДИ. Имаме најава и од неколку инвеститори, како на пример во зоната во Кичево, која сега, со изградбата на автопатот Кичево-Струга ќе стане уште по атрактивна, но да не ги заборавиме и другите капитални инвестиции најавени од Владата на Република Македонија во патишта, железници, енергетски и инфраструктурни проекти“, најави Сараќини.

Претседателот на Советот Хуан Педро Хименез Наваро, изразувајќи голема благодарност до министерот за економија за прифатената покана за заедничка средба, рече: „Нашите цели за 2014 година се дефинирани согласно владините проекции. Со нашето дејствување сакаме да бидеме веродостоен партнер на владините институции, а воедно и преку нашите членови странски компании, да ја промовираме Република Македонија како одлична бизнис дестинација, да ги споделиме нашите позитивни практики. Задоволен сум од презентацијата на Стратегијата на земјите од ЈИЕ, која навистина има интересен структуиран план за овој регион, а веќе во понеделник договоривме заеднички состанок на кој ќе бидат опфатени неколку сектори, со што заеднички ќе можеме да ги лоцираме проблемите со кои се соочуваат инвеститорите, а воедно и да помогнеме кон нивно решавање“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top