Инвестициите во здравството ги смета за технолошки бум и нема дилеми дека целта на концептот за норми во здравството и за плата според сработеното е создаден со цел да ги усогласи односите во здравството. Долгогодишниот професор на медицинскиот факултет и поранешен директор на Клиниката за радиологија, д-р Миодраг Врчаковски има и свои предлози како да се подобри состојбата во здравството – одливот на стручен кадар од државните институции би го спречил со воведување договори за трансфер од државни во приватни установи, а неодговорните лекари би ги довел во ред со едногодишни договори за работа, кои би се продолжувале само ако менаџерскиот тим е задоволен од неговата работа. Врчаковски зборува и за својата втора љубов – музиката. Според него, на македонската музичка сцена има и презаситеност и недостиг од инспирација, а песните ја загубиле душата.
Многу години сте во здравството, и како професор и како лекар, долго време ја управувавте и клиниката за радиологија. Можете ли да направите паралела на здравствениот систем во државата денес со тој што го имавме до пред неколку години?
Врчаковски: Дефинитивно, чекориме напред. Сите сме сведоци на големиот технолошки бум во здравството. Најмногу ме радува новата апаратура во рендгендијагностиката. Нови апарати за компјутеризирана томографија и за магнетна резонанција, како и други нови дигитални машини. Тоа е тоа што јас цел живот го сонував. До пред само неколку години во Македонија постоеше само еден државен апарат за магнетна резонанција, апарат што го добивме како подарок од германската влада во 1996 година. Сега вакви апарати имаме во сите поголеми медицински центри. Врвните дијагностички помагала станаа многу подостапни до пациентите, до прецизна дијагноза доаѓаме многу побрзо, па и лекувањето може побрзо да почне, престојот на пациентите во болниците да се сведе на минимум. А тоа значи и помали трошоци и поевтино лекување.
Што промени принципот на плата според сработеното? Многу лекари беа незадоволни од него, но, сепак, тој функционира? Сметате ли дека се потребни корекции на моделот?
Врчаковски: По мојата логика целта на секој нов модел е да ги подобри слабостите на стариот, да овозможи системот да функционира подобро. Замислете си нова софтверска верзија на „виндоус“, која е послаба од претходната… Нема никаква логика!
Значи немаме дилеми дека целта на концептот за норми во здравството и плата според сработеното е создаден со цел да ги усогласи односите во здравството, а не да дејствува деструктивно. Како директор на Институтот за рендгенологија јас прв, пред шест години го воведов системот на бодување на рендгенските прегледи. Секој доктор требаше дневно да обезбеди 200 бода за да си ја исполни дневната норма. Зошто? Зошто го направавив тоа тогаш кога никој од министрите не го бараше тоа? Одговорот е многу едноставен. Додека дел од моите совесни колеги доктори се отепуваа од работа добар дел „паметни“ доктори работното време го поминуваа затворени во своите канцеларии или во соседните кафулиња и ресторани и нивниот работен ефект беше минимален.
Секој менаџер што е заинтересиран за напредокот и за реномето на сопствената установа самиот ќе преземе мерки за да ја елиминира оваа аномалија, нема да чека министерот да му го каже тоа. Можете ли да поверувате дека откако го воведов системот за бодување и дневните норми работната состојбата веднаш се нормализира. „Заскитаните“ доктори, на мое големо задоволство, ги засукаа ракавите и се вратија на работата. Немаше никакви реакции, никој од нив не се бунеше, никој не протестираше. Дури почнаа да „зајмат” слики од другите колеги за побрзо да си ја обезбедат нормата. Мојот концепт на работен ефект не предвидуваше ниту наградување ниту казнување, но целта ,сепак, беше постигната. Докторите се вратија на работа.
Дозволете ми да ви го кажам следново:
Ако во некоја здравствена установа некој од докторите систематски не ја исполнува нормата, немојте да го казнувате. Не казнувајте го него затоа што вината не е негова. Казнете го менаџерот на установата, тој е главниот виновник, тој треба секој ден да ги контролира своите вработени и веднаш да реагира ако некој од вработените не ги извршува работните обврски.
„За мене вистинска реформа е таа што ќе донесе плодови, таа што ќе биде со задоволство прифатена од сите, таа што сите доктори ќе ги направи среќни и ќе им го врати достоинството“
Познато е дека не може да се направи споредба меѓу платите на нашите лекари и тие во западните земји, па и во други земји. Колку принципот на награди за најдобрите лекари помага тие да се мотивираат?
Врчаковски: Вистински доктор е тој што е целосно посветен на својата работа и на своите пациенти, тој што медицината ја практикува со љубов, тој што колку повеќе работи толку повеќе ја сака,толку е посреќен, тој што секое утро оди на работа исполнет со бескрајно чувство на задоволство, тој што со истото тоа чувство се враќа од работа. Среќата на пациентите е нашата најголема награда, таа е незаменлива. Не постојат пари со кои може да се купи тоа чувство. Кристално јасно е дека нашите докторски плати се мали и не ги задоволуваат стандардите за оптимално живеење. Тоа е сериозен проблем на кој треба да се работи. Убеден сум дека тој, со наша помош, еден убав ден, конечно, ќе биде решен. Бев еден од првите доктори што како најдобри беа парично наградени. Ниту во сон не очекував да добијам награда за тоа што е моја професионална должност. Ме редува мислата дека постојат луѓе што умеат да го ценат тоа.
Понекогаш си размислувам како е можно никој досега да не се сетил да побара од мене јас да му платам за огромното чувство на задоволство што го доживувам работејќи. За мене работата е еден вид духовна релаксација и масажа. А масажа се плаќа, нели? (се смее)
Како да се спречат лекарите да заминуваат надвор? Министерот најави дека ќе ги враќа, но, сепак, голем дел и од тие што се тука заминуваат во Германија, сега Норвешка, високостручен кадар оди и во Кувајт, Катар и во другите арапски земји каде што се заработува многу повеќе?
Врчаковски: Не е само проблемот што лекарите заминуваат во странство, многу е сериозен проблемот што врвни доктори од државните здравствени установи заминуваат во приватните здравствени установи. Некои наши доктори од Кувајт и од Катар ги делат само еден или два километра, тие својот финансиски бенефит го нашле во нашите приватни болници и дијагностички центри. Ако мене ме прашувате како да го спречиме бегањето на специјалистите од државните установи, ќе ви кажам јасно и гласно. Дајте им плата повисока од таа што ја добиваат надвор и најголем дел од нив ќе се вратат дома. Нема поедноставен и посигурен модел! Но овде постои еден друг, многу сериозен проблем, кој никој досега не се обидел да го реши. Од Институтот за рендгенологија последните години во приватни установи заминаа седум врвни специјалисти, неврорадиолози. За создавање вакви кадри се потребни најмалку десет години тренинг и едукација. Нив ги финансира државата. И потоа, за само неколку дена оформениот специјалист, маѓепсан од моќта на парите ѝ кажува збогум на државната матична куќа и се вработува во приватна установа. Таа без никакви вложувања добива готов специјалист.
Да сум јас некаков фактор би направил договор за трансфер на докторите сличен на тој што се прави со фудбалерите… Ако приватната установа го сака стручњакот, ќе треба да ја плати цената на трансферот, во висина на дотогашните вложувања на државата… Има логика, нели?
Кои реформи ги сметате како клучни за да се смени сликата за системот што ја имавме во минатото и до каде сме на ова поле?
Врчаковски: За мене вистинска реформа е таа што ќе донесе плодови, таа што ќе биде со задоволство прифатена од сите, таа што сите доктори ќе ги направи среќни и ќе им го врати достоинството. Реформа што ќе ги натера докторите целосно да ѝ се посветат на докторската професија. Реформа за која со иста енергија ќе зрачат и позицијата и опозицијата. Реформа, која и финансиски ќе биде доказ за нивните вредности. Утопија? Што мислите за едногодишен договор за работа на докторот, договор што секоја година ќе се продолжува, но само ако менаџерскиот тим е задоволен од неговата работа.
Да го видам тогаш тој што ќе се однесува неодговорно на работа или ќе одбие работна задача, или ќе работи со 50 проценти ефект.
Вработувањето на неопределено работно време во голем број од случаи се претвора во забошотување на работа на неопределено време, без никакви последици. И така, сакале или не, доаѓаме до констатацијата дека, сепак, најбитни се реформите во нас самите. Ние како доктори мораме да разбереме дека сме способни сами да си ја создадеме својата иднина, без специјална помош од другите. Со личен пример, со работа, со посветеност. Човекот има еден многу опасен непријател. Тоа сме ние самите. Ако успееме да се победиме, да ги ставиме под контрола нашите болни амбиции и страсти, алчноста, злобата и одмаздољубивоста сме извојувале блескава победа. Тогаш на сѐ што се случува околу нас ќе можеме да гледаме со универзалната правда на времето. Во него е сокриено и нашето минато и сегашноста и иднината. И тогаш ќе разбереме дека како поединци и како фела можеме да направиме сѐ.
„Некако сите песни ми личат една на друга. Ја нема онаа возбуда од создавањето, оној музички елан толку присутен на нашите фестивали во седумдесеттите, осумдесеттите и во деведесеттите години“
Покрај медицината, музиката е Ваша втора љубов, а и на ова поле сте еднакво успешен. Сега, откако сте во пензија, дали ѝ посветувате повеќе време на музиката и на што коректно сте насочени?
Врчаковски: Другарувањето со музиката продолжува. Таа не познава години, не признава старост. Вистинската музика е вонвременска. Векот на евергрините е подолг од векот на тие што ги создале.Така ние патуваме низ времето, нашата музика ќе продолжи да си го пробива патот кон вечноста и тогаш кога веќе ќе нѐ нема. Можеби токму тоа е одговорот на прашањето што е тоа што нѐ тера да создаваме, да твориме. Докторската професија е една од најстресните и најодговорните. Судбината на пациентите станува и наша судбина. Ако не успееме да си создадеме некое тајно место во нашата душа, да си изградиме црквичка за во неа да го најдеме духовниот мир, не сме направиле ништо. Музиката е мојата црква и моето спасение.Таа ме враќа во деновите на мојата младост, кога се родија текстовите за песните „Летај галебе”, со Верица Ристевска, „Твоите очи сине” со Тања Кочовска, „Кој да ти каже”, со Каролина, „Немаш ни благодарам”, „Синот божји”, „Студена”, „На место на злосторот” со Тоше и уште многу, многу други.
Мојата музичка мисија сега многу успешно ја продолжува и постариот син Раде Врчаковски – Врчак, кој иако дипломираше на медицинскиот факултет, веќе се докажа и како врвен музички професионалец. Во моментот активно сум вклучен во тимот што работи на подготовките на познатиот музички фестивал „Охридфест 2014“, кој ќе се одржи кон крајот на август. Одговорен сум за интернационалната вечер.
Како ја оценувате понудата на македонската музичка сцена во моментов? Што недостига, квалитетни песни или изведувачи?
Врчаковски: Имам впечаток дека постои и презаситеност и недостиг од инспирација. Некако сите песни ми личат една на друга. Ја нема онаа возбуда од создавањето, оној музички елан толку присутен на нашите фестивали во седумдесеттите, осумдесеттите и во деведесеттите години. Сѐ е веќе чуено и доживеано, песните ја загубија душата. Имаме и врвни композитори и врвни вокалисти, но имам впечаток дека им недостига мотив. Да се надеваме дека тие што доаѓаат ќе успеат да го разбрануваат нашето заспано музичко море и да ја афирмираат нашата музика во сите делови од светот.
Дел од критичарите сметаат дека е погрешно да даваат субвениции во музиката, односно да се плаќаат песни нарачани од државата. Каков е Вашиот став за оваа идеја?
Врчаковски: Ќе ви одговорам најдиректно. Да сум јас организатор на фестивал, кој било, вклучувајќи ја и „Евровизија“, бидете убедени дека ќе го користам системот на нарачки, односно нарачани песни. Од 20 врвни композитори во Р.Македонија однапред ќе нарачам 20 композиции, цела една година пред одржувањето на фестивалот. Авторите однапред ќе знаат дека нивните песни се сигурни учесници и ќе дадат сѐ од себе секој да направи квалитетна песна, која ќе биде на нивото на реномето на фестивалот. Изборот на песните нема да зависи од заткулисните игри и каприци на членовите на селекциската комисија, ниту ќе може да се случи еден ист композитор на конкурсот да испрати пет свои песни под различни псевдоними.
Во вашата радиоемисија „Соул-рели“ доминира соул-музиката, но еднакво интересни се и разговорите со познати личности во кои на шеговит начин ја откривате нивната човечка страна. Колку е тешко во едно вакво исполитизрано општество да ги убедите да го прифатат учеството во емисијата и да ја отворат веселата, пргава и шеговитата страна на својата душа пред слушателите не плашејќи се од тоа што ќе речат нивните колеги и пријатели?
Врчаковски: Емисијата „Соул-рели“ почна со емитување на втората програма на „Радио Скопје“ во 1977 година и во тоа време беше една од најреволуционерните музички радиоемисии. Сега се емитува на брановите на „Антена 5“, секоја недела од 9 до 10 часот наутро. Таа е целосно мое авторско дело, еден човек прави сѐ. Во исто време сум сценарист, водител, репортер, тон-мајстор, пишувач и снимател на сонговите, монтажер и музички илустратор. Понекогаш и сонговите си ги пеам сам. Имам огромен аудиоматеријал. На ленти чувам речиси сѐ! Во нив е скриена мојата младост, духот на тие возбудливи времиња, во нив сум јас од другата страна на времето. Кога ги слушам разговорите што некогаш сум ги водел, морници ми лазат по телото. Две третини од тие интересни луѓе одамна не се меѓу живите, но јас сум успеал да им ги заробам гласот и нивниот дух! Фасцинантно. Имам преку 1.500 лочи со убава соул-музика. Огромно богатство, кое секоја недела им го подарувам на слушателите. Една од битните карактеристики на емисијата „Суол-рели“, покрај ретро-музиката, се интервјуата. Некои се направени многу одамна, кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век, но некои се реализирани пред само неколку дена. Ве убедувам дека нема да ја забележите временската дистанца од триесетина години затоа што емисијата од самиот почеток беше далеку пред своето време. Во тие интервјуа често учествуваат некогашни и сегашни славни и познати личности. Мојата цел е да им ја подарам на слушателите веселата страна од нивниот живот за да разберат дека и најголемите величини се, всушност, луѓе жедни за песни, смеа и за забава и за шеги на сопствена сметка, нешто што јас го нарекувам феномен на демистификација на личноста. Меѓу нив се и врвни имиња од културниот и од политичкиот живот, познати докторски имиња, од кои некои се и директори на реномирани клиники. Најголем дел од нив се мои редовни слушатели. Во тие мои разговори постојано доаѓам до истиот заклучок. Главната карактеристика на големите луѓе е едноставноста. Уживаат во шегите на сопствена сметка како што уживаат во туѓите шеги. Ако барате потврда за тоа, тогаш слушнете ја емисијата „Соул-рели“ и кажете ми го вашето мислење. Ве очекувам на „Антена 5“ секое неделно утро од 9 до 10 часот.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со проф. д-р Миодраг Врчаковски е објавено во 77. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната
-
Панчо лут по приемот на Инфективна: Ако немаш врски на лекар, Господ нека ти е на помош!
-
Лекарите се налутија: Не го прифаќаат зголемувањето од 5 отсто