Вардар ќе има пеколно тешка задача во осминафиналето од Лигата на шампионите откако на денешната ждрепка го доби европскиот првак Хамбург за противник. Во Виена малку повеќе среќа имаше Металург бидејќи нашиот вицешампион ги избегна двете германски екипи, Флензбург и Рајнекар Левен, и ќе игра против Колдинг од Данска.
Двете македонски екипи ќе бидат домаќини на првите дуели закажани во термин од 19 до 23 март. Реваншите ќе се играат една седмица подоцна.
Лесни противници нема, но очигледно Вардар немаше среќа. Хамбург е екстра- квалитетен тим предводен од најдобриот ракометар на планетата, Домагој Дувњак, а покрај него во германскиот тим има многу светски ѕвезди од калибарот на Лацковиќ, Линдберг, Канејас, Тофт Хансен…
Металург го доби посакуваниот противник, но Колдинг не е екипа за потценување. Ги предводи данскиот репрезентативец Спелеберг, таму игра и шпанскиот ас Рокас, а признание за квалитетот е второто место во групата Б, зад Кил, но пред полскиот дрим-тим на Кјелце.
Еве ги сите двојки од осминафиналето во Лигата на шампионите: ВАРДАР – Хамбург, МЕТАЛУРГ – Колдинг, Кјелце – Рајнекар Левен, Кил – Мотор Запорожје, Барселона – Алборг, Веспрем – Висла, ПСЖ – Горење Велење, Флензбург – Целје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.