| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ги има Вардар и Металург, велесилите Шпанија и Франција со по еден претставник во нокаут-фазата

Македонија ужива во успесите на машките ракометни екипи Вардар и Металург и на женскиот состав на Вардар во актуелниот циклус на натпревари во Лигата на шампионите, а зад нашата земја по бројот на учесници се и велесилите Шпанија и Франција.

Германија има најмногу екипи во двете конкуренции во ЛШ, вкупно 5, а зад нив е Македонија, заедно со Данска и Словенија, што е редок подвиг за нашата земја во кој било спорт. Актуелниот светски првак Шпанија ја има само Барселона, а олимпискиот и европски првак Франција во нокаут-фазата ќе ја претставува само Пари Сен Жермен.

Уште ако се додаде дека Скопје е единствениот град во Европа со три претставници во завршната фаза, како единствен случај во историјата на Лигата на шампионите, тогаш станува јасно колку се значајни подвигот и успесите на Металург и на двете екипи на Вардар.

Женскиот состав на Вардар веќе се наоѓа и на чекор до пласман на завршниот турнир бидејќи девојките во црвено-црна комбинација по „првото полувреме“ во групата со Туринген, Митјиланд и Савехов се на чело на табелата со 5 бода. Двете првопласирани екипи ќе играат на заврпниот турнир за титулата.

Вардар и Металург утре ги очекуваат противниците во нокаут-фазата, а сите 4 германски тима се можни противници на нашиот шампион и вицешампион.

Изборот за Вардар на утрешната ждрепка во Виена ќе биде меѓу актуелниот европски првак Хамбург, поранешниот шампион Кил и унгарскиот Веспрем.

За Металург, веројатно, најлесен противник за пласман во четвртфиналето би бил данскиот Колдинг, во конкуренција на германските екипи Флензбург и Рајн Некар Левен.

Еве го распоредот на екипите според пласманот во фазата по групи. Утре во Виена ќе се влечат двојките по принцип прв со четвртопласиран и втор со трет, а меѓусебе нема да можат да играат екипи што беа заедно во фазата по групи.

Прв барабан: Барселона, Кил, Хамбург и Веспрем

Втор барабав: ПСЖ, Рајн Некар Левен, Колдинг, Флензбург

Трет барабан: МЕТАЛУРГ, Кјелце, Целје, Горење

Четврти барабан: ВАРДАР, Висла Плок, Мотор Запорожје, Алборг

Напомена: Екипите означени со црни букви се можни противници на Вардар, а составите обележани со зелена боја се евентуални ривали на Металург.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top