| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ промовираше нови економски мерки, за ВМРО-ДПМНЕ мерките се нереални

vmro-dpmne-sdsm

СДСМ денеска промовираше две нови мерки со кои, како што тврдат, ќе се овозможи отворање на нови работни места и раздвижување на економијата.

Потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, појасни дека со првата предлагаат претприемачите кои ќе донесат нов бренд во државата, да конкурираат за заем во висина од 15.000 до 50.000 евра со каматна стапка од еден процент, една година грејс период и 48 месеци рок на отплата.

Втората мерка се однесува за заем во висина од 15 до 50 илјади евра за мешовити инвестиции меѓу домашни и странски партнери, односно за него би можеле да конкурираат оние граѓани кои ќе отворат нов бизнис со странски партнер кој ќе вложи 30 проценти од вкупната инвестиција.

– Заемот за двете мерки, ќе биде овозможен преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). На тој начин компаниите ќе имаат финансиска поддршка, но истовремено и странски искуства, интернационална мрежа на делување и можност за ефективно учество на странски пазари – истакна Кирацовски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во писмена реакција на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ,Александар Кирацовски, оценува дека новите мерки што ги предлагаат се нереални и непресметани.

Според владејачката партија, Кирацовски нема кредибилитет да говори пред граѓаните затоа што е правосилно осуден за учество во тепачка во 2001 година во која  едно лице се здобило со тешки телесни повреди од убоди со нож.

– Тој и СДСМ на денешната прес конференција презентираа набрзина склопени мерки, само за да имаат што да кажат пред своите членови. Во овие мерки не веруваат ниту тие самите. Тие предвидуваат дека само со 15.000 евра ќе успеат да донесат инвеститори. Ова го покажува пристапот и несериозноста на СДСМ во креирањето на својата програма која веќе со месеци ја најавуваат, а уште не можат да ја направат – стои во реакцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top