Околу 15.000 маркери за обележување на избирачите со видливо мастило ќе набави Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните претседателски избори. Имајќи предвид дека првиот круг од изборите е закажан за 13 април, тие треба да бидат набавени до крајот на март.
– Првпат овие избори Република Македонија ќе има нов начин на обележување на гласачите кои ќе се јават на гласањето за избор на претседател на државата. Ова видливо мастило треба да биде во вид на маркер пенкало, да остава видлив отпечаток на површината на која се нанесува, да има трајност на отпечатокот од најмалку 24 часа по нанесувањето, да не може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење. Мастилото да е брзосушечко, да е антиалергиско, односно да не е штетно по здравјето. Секој маркер да може да се користи за најмалку 500 гласачи, во составот на мастилото да има 20 отсто сребронитрат и боја и отпечатокот да биде со црна боја – изјави членот на ДИК Виолета Дума.
Маркерите со видливо мастило ќе бидат набавени од странство бидејќи во Македонија не се произведуваат, а поради итноста и роковите за испорака, постапката ќе се спроведе со преговарање. На маркерот ќе го има логото на ДИК, ќе пишува на македонски јазик и на јазикот на кој зборуваат граѓаните во општините каде се повеќе од 20 отсто, и ќе има заштитен знак, како лозинка, кој ќе биде доставен само до претседателот на ДИК.
– Евентуално никој да не може да направи фалсификат. Значи, заштитата ќе биде висококвалитетна – рече Дума. Маркерот, како што појасни, ќе биде предаден на лицето кое ќе биде задолжено од избирачките одбори.
– Одбележувањето со маркерот ќе биде на десниот палец, но ќе биде во делот од средината на палецот по работ на подноктицата и ноктот од палецот, што значи дека ќе опфаќа дел од ноктот и дел од месото кое се спушта на ноктот – објасни Дума.
Членовите на ДИК неодамна беа во посета на Албанија, која користеше вакво мастило за обележување на избирачите на последните парламентарни избори.
Според членот на ДИК Влатко Сајковски ова решение оди во насока на зголемување на довербата на учесниците во изборниот процес, иако како техничко решение изгледа како чекор наназад.
ДИК денеска донесе упатства за членовите 111, 112-а, и 113 став 3 од Изборниот законик, кои се однесуваат на гласањето на болните и немоќни лица, лицата во домашен притвор и лицата со специјални потреби. Болните и изнемоштените гласаат еден ден пред датумот за гласање.
– Под немоќно или болно лице се подразбира лице кое не е во можност да ги врши основните животни потреби, не е во можност да се движи во станот ниту со користење соодветни помагала, да одржува основна лична хигиена, да зема храна, ниту да врши други дејствија за задоволуање на основните животни потреби, односно лице кое е неподвижно, заболено од дистрофија или сродни заболувања, церебрална или детска парализа или парафлегија – појасни членот на ДИК Бедредин Ибраими.
Покрај известувањето дека одредено лице сака да го оствари своето право на глас, до Општинската изборна комисија треба да се достави во оригинал и медицински доказ или решение за користење туѓа нега од трето лице. Одговорноста е на сите органи во избирачкиот процес, вели тој, но и на медицинскиот персонал кој ги издава потврдите.
Претходно Ибраими информираше дека побарал анализа од Државниот завод за статистика во однос на изборната единица шест, каде, според него, има пет отсто повеќе гласачи, и покрај фактот дека беа ревидирани нејзините граници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот