Јужнокорејскиот поет Ко Ун е добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2014 година, соопшти Дирекцијата на фестивалот денеска на прес-конференција. Ун (1933) има слава на национален поет и е меѓу најзначајните имиња на светската поезија.
Одборот за доделување на наградата во одлуката подвлекува дека Ун ја добива поради „високите уметнички остварувања, особениот поетскиот израз и силата на поетскиот сензибилитет преку кој човекувањето е преточено во поетско творештво.
Одлуката ја соопштија првите луѓе на фестивалот – директорот Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димоски.
На свеченоста во МАНУ се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која му ја честиташе наградата на Ко Ун и му посака успешно издание на фестивалот во 2014 година.
– Творештвото на овој автор е исклучително значајно по своите естетски и поетички особености. Критичарите се единствени во рецензиите, кои говорат дека неговиот огромен опус од 150 дела не може да се спореди со творештвото на ниту еден жив автор во светот. Завлезен во своите осумдесет години, поетот Ун и денеска изненадува со својата творечка виталност, која го држи на самиот врв на светскиот поетски интерес. Иако првенствено „Златниот венец“ се однесува на неговата творечката дарба, симболично преку неа се наградени и сите поетски вредности на азиската книжевност, на кои припаѓа и една голема литература како што е корејската – рече Канческа-Милевска.
Признанието на Ко Ун ќе му биде врачено во август, за време на 53. Струшки вечери на поезијата. Во писмо до СВП Ко Ун пишува дека наградата од Струга ќе го охрабри уште повеќе да напредува како поет.
– Постоеше една златна доба на поезијата, кога луѓето првпат почнаа да поставуваат светилници што гледаа кон полунебјето на океаните од овој свет и ги испраќаа своите зраци-водилки. Оттогаш, светилникот е синоним за поезија. Јас сум убеден дека поезијата ќе продолжи да ја извршува улогата на светилник во иднината на човековата историја, напишал Ко Ун во обраќањето до СВП по повод изборот тој да биде годинашен лауреат на фестивалот.
Ко Ун е роден е во 1933 година во градот Гунсан, во корејската провинција Чола, во време кога земјата била под окупација на Јапонија. Поетскиот опус му е огромен, напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови. Ален Гинзберг го опишал како „грандиозен поет, комбинација на будистичка маестралност, страстен политички либерал и историски натуралист“, а дека пезијата на Ко Ун ја отсликува корејската душа.
Во најраниот творечки период, од 1952 година до 1962 година, тој е монах на екстремна зен-практика, од 1962 година до 1972 година неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, со очај и себеотфрлање, а меѓу 1973 година и 1983 година, во годините на социјалните немири и интензивирањето на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добива нова трансформација. По годините во затвор, од 1983 година, станал многу продуктивен и напишал многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи“ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980 година, кога стотици граѓани биле убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта. Од тогаш поетот издал повеќе од 40 книги.
Во неговите песни се манифестира широк диверзитет: епиграми во неколку реда, долги дигресивни стихови, епични, пасторални, па дури и некои жанрови кои самиот тој ги создал, а можат да се наречат историски поп-песни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.