Околу 20 странски компании денеска ја презентираа нивната работа пред домашните компании на бизнис средбата насловена „Бизнис поврзување на странските инвеститори во Република Македонија со домашните компании кои имаат потенцијал да станат нивни добавувачи“.
На оваа средба свои обраќања имаа и премиерот Никола Груевски, министерот за финансии Зоран Ставревски, како и заменик претседалот на Владата за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Ваљон Сарачини.
Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека оваа средба е прв чекор во намерата да се разгледа можноста како македонските фирми да се интегрираат во ланецот на глобални фирми кои работат во Македонија. Тој изјави дека покрај макроекономските ефекти од присуството на странските компании, треба да се почувствуваат и микроекономските ефекти.
– Целта е остварувањето на макроекономските ефекти кои се однесуваат на зголемено производство, зголемување на БДП, извоз и вработеност да се преточат во микроекономски ефекти, односно да се зголеми додадената вредност од присуството на странските компании во Македонија. Резултатите од работењето на странските компании се видливи односно имаме пораст на БДП над три отсто, зголемен извоз, намалување на трговскиот дефицит, вработувања кои до сега изнесуваат 6500, а до крајот на годината и почетокот на следната се очекува бројката да се зголеми за двојно и да изнесува 13 илјади вработувања во странските компании – истакна Ставрески.
Минатата година домашните компании испорачале стоки и услуги на странските компании во земјата во вредност од 50 милиони евра. Две македонски компании веќе произведуваат за фабриката за производство на автобуси Ван хол.Ставрески очекува таа бројка да се зголеми.
– Треба да ја разбиеме бариерата, странски во однос на домашни инвестиции, зашто тие треба да се компатибилни, а не да си конкурираат. Странските компании може да помогнат домашните да реализираат повисок технолошки потенцијал, да го зголемат нивото на технолошки развој и преку т.н. преносни ефекти да се подигне општото ниво на технолошки развој во РМ, капацитетот на работната сила, знаењето на вработените, почнувајќи од почетниот процес па се преку маркетингот и продажбата – рече Ставрески.
Тој ги повика и банките да ги следат македонските компании во однос на давање на кредити, бидејќи соработката со странска компанија е сигурност дека парите ќе бидат вратени.
Вицепремиерот Владимир Пешевски повика, соработката на домашните и странските компании наместо споредна, да стане една од клучните сегменти. Домашните фирми да ги воведат технологиите, менаџирањето, истражувањето и развојот на бараното ниво. Тој оцени дека тоа веројатно ќе се случува во наредните 20 години, но патот мора да се изоди, да се направи првиот чекор.
Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека економскиот раст не значи ништо ако обичниот човек не ги почуствува придобивките, а токму тоа е целта на Владата.
На бизнис средбата свое обраќање имаа и министерот задолжен за странски инвестиции Веле Самак како и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо кои претставија кратки портфолија на странските компании во Македонија.
Дел од обраќањето на владините министри може да погледнете на видеото на ТВ Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



