Осум години папата Бенедикт XVI беше најмоќен човек на католичката црква. Овој период беше одбележан со некои позитивни работи, но и контроверзни, потсетуваат светските медиуми по вчерашната шокантна оставка на папата, пишува Капитал
Папата Бенедикт XVI во историјата секако ќе влезе со бројни добри дела, но и историски одлуки кои одекнаа ширум светот. Во 2010 година тој ја посети Малта, каде што се сретна со жртвите од свештеникот педофил и, што е уште поважно, се извини за злосторствата кои со години ѝ се случуваа на католичката црква. На жртвите им вети дека црквата ќе направи сè што може за да ги казни свештениците-злоставувачи и да ги заштити младите. Изрази „срам и жалење за тоа што го претрпеле жртвите и нивните фамилии“. После тоа се помоли со нив во текот на средбата во амбасадата на Ватикан во Рабат, на Малта.
Тоа е прва средба на Бенедикт XVI со жртвите од избивањето на скандалот од почетокот на годината која го потресе Ватикан. Сепак, бројни жртви ширум светот и понатаму го обвинуваат Бенедикт XVI дека заедно со црковниот врв учествувал во заташкување на злоставувањата додека бил надбискуп во Германија.
Бенедикт XVI ја продолжи традицијата на својот претходник Јован Павле II па во текот на својот осумгодишен понтификат посети бројни земји од светот. Сепак, во секоја не беше пречекан со преголемо одобрување. За време на посетата на Барселона, ЛГБТ заедницата организираше масовно бакнување на лица со хомосексуална ориентација каде што учествуваа над 200 геј-парови.
На денот кога се слави светицата Госпе од Гвадалупе, 12.12.2012 година, папата го одржа своето ветување и го објави својот прв твит. „Драги пријатели, задоволен сум што на овој начин, преку Твитер, со вас можам да стапам во контакт. Ви благодарам на вашите великодушни реакции. Ве благословувам од сè срце“, напиша тогаш папата.
Не само со овој потег папата се обиде да докаже дека е во тек со модерните времиња. Бенедикт XVI во 2011 година ги благослови 12-те астронаути кои кружеа околу земјата. Тоа беше прв разговор на еден папа со членови на Меѓународната вселенска станица.
СЕКС СКАНДАЛИ И ГАФОВИ
Сепак, она што најмногу го одбележа неговиот осумгодишен понтификат, беше избивањето на секс-скандалот во католичката црква. Дури и пред неговото именување, се појавија неколку скандали со злоставување на малолетници во САД и во Ирска, но во 2010 година во јавноста се појавија докази за сексуално злоставување во црквите ширум Европа, а посебно во Австрија, Белгија, Холандија, Норвешка и Германија.
Во еден од скандалите се споменува и името на самиот папа. Имено, се појави тврдење дека додека бил надбискуп во Минхен, еден бискуп и познат злоставувач на деца бил сменет во тајност, но и понатаму му бил дозволен контакт со млади верници и вршење на некои пасторални должности.
Неколку јавни гафови на папата, повеќето на самиот почеток на понтифактот, предизвикаа загриженост во јавноста. Уште во 2006 година тој го згрози муслиманскиот свет со изјавата дека Мухамед позади себе остави само „зло и нехуманост“. Ги налути и домородците во Латинска Америка со тврдењата дека колонизацијата на нивниот континент не вклучи „наметнување на странски култури“, додека Евреите ги налути со повикот „да се избават од темнината“.
Најголемата афера со која се соочи папата Бенедикт XVI е секако аферата „Ватиликс“.За потсетување, поранешниот собар на Бенедикт XVI, Паоло Габриеле минатата година беше осуден поради кражба на доверливи документи за наводната корупција во Светата столица. Габриеле беше осуден на затворска казна, но папата одлучи да го помилува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Папата Франциск одлучи: Католичката црква во Македонија ќе добие статус на Епархија
-
Папата бара казни за сексуалните злостатувачи на деца во црквата
-
Неможеше да избега: Оваа девојка кажа „да“ пред Папата Франциск (видео)
-
Нов скандал во Ватикан: Полицијата прекинала сексуални оргии, советникот на Папата предозиран