Многу жени во зима немаат многу волја и желба да се шминкаат и повеќе внимание посветуваат на нега на лицето, на нови кремови и на третмани на кожата, кои не се вообичаени за пролетните и за летните месеци. Затоа пролетта е совршено време за покажување на новото лице, со обновен тен и убава шминка, која ќе ги открие сите адути, а ќе ги сокрие евентуалните недостатоци.
Како што се менува модата од сезона во сезона, така е и со шминката. Иако овие трендови ќе бидат популарни во сезоната што претстои, тоа не значи дека не можете уште сега да ги пробате.
Тропикана ретро-стил
Многу е важно кожата на лицето убаво да ја подготвите, така што шминката би изгледала уште подобро, односно поубаво би прилегала. Значи, пред да се нашминкате, лицето убаво измијте го со топла вода, направете лесен пилинг, нанесете хидратантен крем и причекајте пет минути да се впие.
Откако ќе го нанесете кремот, потребна ви е пудра во боја на кожата, која ја нанесувате како подлога. Пудрата нанесете ја со прсти. Потоа, неправилностите, како подочници, дамки, црнки, прекријте ги со коректор во боја на кожата или со една нијанса посветол коректор, кога се во прашање подочниците. Нанесете го така за да се спои со пудрата.
Сега е време за нагласување на контурите на лицето. Со голема четка на која има претходно нанесено руменило за лице, нагласете ја линијата на јаболкцата. Оваа сезона во мода е бојата на кајсија, која во себе има силна портокалова нота.
Шминкањето на очите почнете го со нанесување молив за очи во боја на кафе на горниот капак. Потоа, на горниот капак нанесете кафена сенка, не многу темна, а нијансата потемна кафена нанесете ја до работ на веѓите.
Ако имате можност, ставете вештачки трепки на надворешните рабови на капаците. Ако не сакате, тогаш ставите неколку слоеви маскара за трепките да бидат побујни и за да ги продолжите.
Усните прво дефинирајте ги со портокалов молив за усни. Потоа нанесете руменило за усни.
Рокерска шминка
Прво средете ги веѓите. Подобро е да се подебели и зачешлани нагоре, за да изгледаат младешки, па потоа дефинирајте ги со кафен молив за веѓи.
На горниот капак нанесете црн молив за очи. Тие што се повешти, може да стават туш за очи. Концентрирајте се линијата да оди од внатрешниот кон надворешниот агол, а дебелината да се зголемува како што одминува првата половина од горниот капак. Кога ќе дојдете до надворешниот агол на горниот капак застанете и почнете да го исцртувате работ на долниот капак така што ќе почнете од надворешниот агол на очите, таму каде што сте застанале со горната линија, и исцртајте една третина од горниот капак во облик на линија. Надворешниот капак мора да биде исцртан во правилен облик на буквата „V“. На другиот дел на долниот капак, кој не е исцртан, со четкичка нанесете сенка во светла боја – бела или сребрена.
Потоа нанесете маскара на трепките со која ќе ги направите побујни.
На образите нанесете мат-руменило во бронзена или кафена нијанса.
На овој изглед најдобро му прилега руменило за усните во боја на кожа.
„Замаглен поглед“
На образите и на усните нанесете руменило и како крем.
Сенката за очи треба да биде во светлокафена нијанса, мат, и се нанесува на горниот дел од очните капаци. Потоа темнокафена сенка, исто така мат, се нанесува на работ на долниот дел на очни капаци. На горниот дел од капаци нанесете темнокафен молив за очи или, пак, туш во иста таква нијанса. На крај, на трепките ставете маскара за продолжување и за да ги направите побујни. Веѓите истакнете ги со молив за веѓи во кафена боја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.