| четврток, 6 декември 2018 |

Пет нови филмски наслови на репертоарот на „Синеплекс“

Џорџ Клуни е режисер и сценарист, а игра и во една од главните улоги во ова остварување во кое се прикажува приказна за специјален одред кој е формиран со цел да се спасат уметничките дела од рацете на нацистите и да им се вратат на вистинските сопственици.
„Чувари на наследството“ е инспириран од вистинска приказна за најголемата потрага по скапоцености во историјата и невозможната мисија во која се впуштаат 7 директори на музеи, историчари и кустоси. Уметничките дела се заробени зад линиите на непријателските сили, а нацистите се решени да уништат се’ што им се наоѓа на патот, бидејќи Рајхот пропаѓа. Каква шанса за успех има овој специјален одред сочинет од поединци кои подобро го познаваат Микеланџело отколку полуавтоматската пушка М-1? Во трката против времето, овие храбри луѓе ќе сторат се’, ризикувајќи ги своите животи, само за да ги заштитат и одбранат најголемите уметнички дела на човештвото.
Клуни, кој ја толкува улогата на предводникот на овој специјален одред, вели: „Сакавме да направиме филм кој е помалку циничен за разлика од претходните на кои што имаме работено. И покрај тоа што мислиме дека тие се поинтересни, овој пат се одлучивме да пренесеме една приказна за едни добри луѓе и нивната победа против еден од најлошите луѓе – Хитлер, а тоа е приказна за која што порано никој немаше слушнато“.
Во филмот „Зимска приказна“ се зборува за чудата, за испреплетената судбина и за прастарата војна помеѓу доброто и злото – во средиштето на Њујорк. Ова е првиот филм кој го режираше оскаровецот Акива Голдсман (сценаристот на „Прекрасен ум“). Во филмот глумат Колин Фарел, Џесика Браун Финдли и добитникот на Оскар, Расел Кроу.
Акива Голдсман, сценарист, продуцент и режисер на филмот, изјавува: „Приказната е мешавина на реалистична околина со многу необјасниви појави кои постојат на другата страна на светот. Ова е директна емоционална приказна, но во природен свет во кој се случува чудо и во кој луѓето живеат со векови. Романот кој го напиша Марк Хелприн го прочитав во 80те и навистина го засакав, такво нешто не се заборава. Има 800 страници, но ниту еден сценарист не би можел да ги опфати сите негови елементи. Затоа го прилагодив за да го зачувам она што ми остави најголем впечаток“.
Спајк Џонс се враќа со својот голем претпознатлив стил! Ова е најсоодветниот начин да се опише новиот филм на овој врвен и оригинален режисер чии филмови „Да се биде Џон Малковиќ“ (1999) и „Адаптација“ (2002) го привлекоа вниманието не само на филмските критичари туку и на широката јавност. Опишан како еден од најоригиналните филмови во последната деценија, филмот „Таа“ секако спаѓа во самиот врв на режисерските остварувања на овој истакнат режисер. Главната улога ја толкува Жоакин Феникс, а во споредните улоги се појавуваат Ејми Адамс, Руни Мара и Скарлет Јохансон.
Филмот се одвива во блиска иднина, во Лос Анџелес, и го следи Тиодор Тумбли (Жоакин Феникс), комплексен и духовен човек што заработува за живот пишувајќи трогателни, лични писма за други луѓе што му плаќаат за тоа. Со скршено срце по пропаѓањето на долга љубовна врска, Тиодор го интригира новиот напреден оперативен систем – што е всушност самостојна вештачка интелигенција. Откако ќе го активира, ја запознава „Саманта“ (Скарлет Јохансон), бистар женски глас што е истовремено и прониклив, чувствителен и изненадувачки духовит. Како што растат нејзините потреби и желби, заедно со неговите, нивното пријателство се продлабочува во љубовна врска…
Филмот базиран на првата книга од популарниот серијал на авторката Ришел Мид „Академија за вампири – сестри по крв“ ни пристига овој четврток.
Академијата св. Владимир не е само обично приватно училиште – тоа е тајно место во кое вампирите учат како да користат магија, а додека Дампирите, пола луѓе-пола вампири, минуваат низ обука за да можат да ги заштитат. Дампирите ги штитат Мороите, мирољубиви, смртни вампири, од злобните Стригои, припадници на видот бесмртни вампири кои сакаат да ги уништат Мороите.
Луси Фрај нагласува дека екипата во текот на снимањето била феноменална и дека филмот не отстапува многу од романот: „Сите актери останаа верни на ликовите од книгата, само се додадоа некои нови елементи и дејството се одвиваше малку побрзо. Во филмот преовладува акција. Се’ се случува брзо, енергично и со многу хумор“, заклучува Луси.
Авторката на шесте продолженија на серијалот „Академијата за Вампири“, Ришел Мид, ретко присуствувала на снимањата на филмот. Мид имала потполна доверба во режисерот и во неговите решенија: „Воодушевена сум од неверојатното чувство за детали на режисерот и во текот на целиот проект бев спокојна“, нагласува писателката. Таа исто така вели дека екипата е многу пријатна и во текот на работата владеела крајно пријателска атмосфера.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top