Правопропорционално со порастот на можноста од успешно привршување на женевските преговори, во кои со посредство на големите сили учествуваат сириската влада и опозициските групи, расте и стравот дека Европа ќе се соочи со нови, досега непознати предизвици во борбата против тероризмот. Британија, Финска, Франција, Белгија, Грција, Бугарија, но и земјите што не се членки на ЕУ, како Босна, Македонија, Албанија, Србија и Косово, се во очекување на бранот радикални муслимани, кои по завршувањето на сириското крвопролевање би се вратиле во своите земји.
Босна веќе донесе закон со кој на своите граѓани што војуваат во странство им го одзеде државјанството, Австралија и Србија размислуваат за истото, а Канбера истовремено ги третира како закана за националната безбедност, Британија презеде сериозни мерки со кои сите вакви случаи ги стави под полициски надзор. Европскиот координатор за борба против тероризмот Гил де Керчове потенцијалните повратници на европска територија ги смета за „голема безбедносна закана“. Ретко кој во светот на безбедноста се противи на нивното именување како најголема закана за ЕУ и за земјите од западен Балкан.
Различни извори даваат различни информации за нивниот број. Според официјалните европски изјави, во Сирија во моментов се борат преку 2.000 борци со европски пасоши, меѓу нив 270 се Германци, 700 Французи, 250 Белгијци, додека британските анализи велат дека неколку стотини државјани на островот се на сириските фронтови. Загриженоста за можната опасност расте од месец во месец откако по 700 Европејци што беа идентификувани лани во април, нивната бројка до крајот на 2013 година се зголеми за трипати. Американски организации сметаат дека нивната максимална бројка е меѓу 10 и 11 илјади борци, што е најголема бројка на странски борци во историјата на модерните конфликти. Најголем дел од нив се од Чеченија и од Пакистан. Во Сирија има двојно повеќе странски доброволци од босанската војна и дваесетина проценти повеќе од странците што се бореле во Авганистан.
– Не значи дека сите што ќе се вратат ќе се посветат на насилство и на тероризам, но за тоа доволно е и само мала група – вели Де Керчове, кој признава дека европските институции немаат доволно информации за нив. Тие имаат лична карта, државјанство на членки на ЕУ или двојни државјанства и лесно им е од Брисел да заминат во Сирија преку Мароко, со марокански пасош, а да се вратат преку Турција со белгиска патна исправа.
Косово една од поголемите грижи на ЕУ
Европската унија веќе презеде мерки и им наложи на своите членки и на земјите како Македонија што го следат европското законодавство да ги спроведат во обид да спречат развивање ќелии, кои во иднина би биле закана за националната и за европската безбедност. Дури и Косово, кое се смета за едно од најризичните подрачја на стариот континент, ги следеше препораките на Брисел и веднаш спроведе акција во овој правец. Косовските власти, во соработка со европските институции, спроведоа акција против групата на Генц Селими, кој се смета за еден од идеолозите на радикалните исламистички теории во регионот, но и еден од организаторите на транзитниот канал што ги носи Албанците од Албанија, Косово и од Македонија во Сирија. Целта на операцијата на косовските власти беше да се покаже дека институциите во Косово имаат способност да идентификуваат закана и да ја неутрализираат. За среќа, во акцијата, според европски извори, е утврдено дека групата нема соодветна обука со оружје и капацитет да изврши насилен акт – тероризам и дека групата е радикализирана од верски мотиви. Се разбира, никој не може да предвиди што ќе се случи кога добро обучени повратници од Сирија ќе ја засилат групата, која сега има само желба на мирен начин да ја спроведе својата верска идеологија на дело. Косово е особено интересно за европските и за американските власти и поради Љавдрим Мухаџери од Качаник, кој преку социјалните мрежи и „Јутјуб“ редовно објавува слики и видеа од албански борци, кои под знамето на исламската држава на Ирак се борат во Сирија.
Европските стручњаци досега не објавиле бројка на борци од Балканот што заминале во Сирија. За разлика од нив, израелските служби говорат дека една петтина од 5.000 до 7.000 луѓе, колку што се борат во сириската опозиција, доаѓаат од Босна, Косово, Србија, Албанија и од Македонија. Во нив не се пресметани борците од Бугарија, од Грција и платениците од Балканот, кои се борат во редовите на режимот на Асад.
Кој заминува во џихад?
Според анализите на стручњаците, профилот на обичен борец во исламистичките формации, кој доаѓа од Европа, е невработен маж од 20 до 45 години, често неженет, но речиси секогаш без постојана и добро платена работа. Тој има проблем со интеграција во западните и во балканските општества, често добива социјална помош со која едвај може да преживее. Живее во средина во која слабо пробиваат културните вредности на доминантната култура во земјата во која живее значително верско или национално малцинство на кое припаѓа. Најчесто не бил прифатен од средината ако посетувал училиште во кое се доминантни припадниците, на пример, на француската нација. Силно ја почувствувал ксенофобијата што е присутна кон странците од сите генерации и се смета за маргинализиран. Огромен процент од луѓето што заминуваат на сирискиот, и претходно на авганистанскиот, фронт редовно или повремено посетуваат верски објекти, а директно или индиректно се во контакт со радикални исламистички структури. Умерените верски лидери немаат влијание врз нивното однесување и одлуки.
Зошто стручњаците се плашат од повратниците?
И пред заминувањето во Сирија, најголем дел од нив немале лежерна социјално–економска позиција во општеството, а по враќањето таа позиција ќе биде уште потешка. Прифатени се кај радикални крила во својата етничка или верска група, кои не можат да им помогнат да живеат пристоен живот. Последиците од војната во која учествувале и губењето на воените другари ја зголемуваат омразата кон сите што не се дел од нивата група и ја манифестираат и кон нив и кон државните, а често и кон верските институции, кои ги сметаат за виновни за својата состојба и за состојбата на луѓето како нив. Лесниот пристап до интернет им овозможува да бидат во секојдневен контакт со своите воени другари од соседните земји, со кои можат да соработуваат доколку имаат потреба. Имаат желба да пренесат политичка или верска порака до пошироката јавност, но откако нема да успеат во тоа ,почнуваат да размислуваат за поинакви начин на дистрибуција на пораките. Добрата обука за употреба на минско–експлозивни направи и одличната употреба на огнено оружје се најголемата опасност што безбедносните служби ја лоцираат кај оваа категорија граѓани. Со оглед на ограниченоста на капацитетите кај најголем број држави за секојдневно следење на овие лица, тие непречено можат да работат на својата агенда доколку се решат војната од Сирија или од некое друго боиште да ја префрлат дома.
(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 74. број на неделникот „Република“, 31.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Тероризам во Ирска? Се испитуваат методите за убиството на еден маж на среде улица
-
Оперскиот пејач Дурловски ќе одговара за тероризам, а терористите кои убија деца на Смилковско на слобода
-
Приведени деветмина во Атина: Се сомневаат дека подготвувале терористички напад
-
САД: Терористите подготвуваат уште еден 11 септември