Колку денешната ВМРО-ДПМНЕ се држи до целите и традициите на историската ВМРО на која се повикува? И дали воопшто може да се споредуваат двете организации во толку различни историски околности? Се чини дека не може, но ако се погледне денешната ситуација во Македонија и околу неа ќе видиме дека некои од работи од минатото сѐ уште се исти, па оттука може и да се споредат идеологиите на двете организации. Секако, тука е и постојаното, напати и огорчено реагирање на СДСМ, кој постојано тврди дека денешната главна и владејачка партија со предзнакот ВМРО го узурпира името на славната организација од минатото. Наследниците на старите комунисти, денеска преобразени во социјалдемократи, сметаат дека ВМРО им припаѓа на сите Македонци и никој нема право да си го присвојува името. Нивни аргумент е дека пред Втората светска војна постоеше ВМРО – обединета, директно поддржана од Коминтерната и од која потекнуваа многу дејци и борци, во повоената историја славени како комунисти (за ова пишувавме во претходните броеви на „Република“). Оваа организација во поранешните учебници беше опишувана како единствената вистинска ВМРО поради тоа што во неа биле тие македонски патриоти што ја одбиле ВМРО на чело со Тодор Александров, а во неа се придружиле и членовите на Илинденската организација.
Така во денешното политичко милје постои оваа чудна ситуација во која СДСМ го негира правото на ВМРО-ДПМНЕ да се повикува на историската организација, а за себе го задржува правото да биде наследник на некогашниот Сојуз на комунисти на Македонија, а кој, пак, од пред Втората светска војна води потекло од „вистинската ВМРО“.
Но, настрана овие тврдења, да видиме колку ДПМНЕ се држи до традициите на историската ВМРО, а не само да го користи славното име.
Само Турците ни се пријатели, сѐ друго е исто
Делчев, Груев, Карев и Сандански, сигурно, се превртиле в гроб кога слушнале дека независна и слободна Македонија за која изгинаа, уште од 90-тите години на минатиот век како еден од најверните партнери и поддржувачи ја има денешна Турција, наследникот на Отоманската Империја. Но, освен двете клучни разлики од тоа време денес – создавањето на првата македонска држава по многу долго време и претворањето на стариот непријател во првокласен пријател и сојузник, денешната ВМРО се соочува со истите проблеми како историската. Сепак, денешната ВМРО има многу понормални услови за борба, отколку старите војводи и комити, што не значи дека предизвиците се лесни.
Бугарската и грчката антимакедонска пропаганда се силни денес, исто како и тогаш, додека српската, уште од времето на СФРЈ, е речиси „одомаќинета“ во Македонија. Навистина ги нема бугарските егзархисти, но затоа бугарофилите во ВМРО – ДПМНЕ во минатото однатре ги јадеа ткивото и кредибилитетот на „најголемата национална“ партија. Скриениот непријател е многу поопасен од отворениот. Во минатото постоела само една казна за предавниците, се знае која, додека денес тие се држат под будно око и се назначуваат на функции каде што не можат да нанесат голема штета. Сепак, дејствувањето на Бугарија и денес им нанесува огромна штета на ВМРО и на Македонија. Сегашната ВМРО–ДПМНЕ има мошне студен однос кон источниот сосед, па во Бугарија ова време го споредуваат со времето на СФРЈ, кога имаше отворена антибугарска пропаганда и кога сите противници на режимот, тајната служба ги водеше под графата „ванчомихајловистичка линија“. Сепак, можноста за соработка со Бугарија останува отворена, доколку е на рамноправна основа. Истиот однос го имал и Централниот комитет на ВМРО на чело со Гоце Делчев, кој својот однос кон Бугарија го менувал во зависност од однесувањето на Софија кон независноста на Македонија.
Историската ВМРО, како и сегашната била на големи маки со Грците. Непосредно по завршувањето на Илинденското востание, грчката држава ја почнува својата т.н. македонска борба, поточно терор на грчките параполицајци, андарти во Егејска Македонија со цел да го натера македонското население да влезе под јурисдикција на Грчката патријаршија. Уште пострашна војна од илинденците водел војводата Васил Чакаларов. Паранојата на Грција за Македонија уште тогаш била забележлива во најбрутална форма. Денешната ВМРО, за разлика од таа во времето на Љубчо Георгиевски, кој на Грците има дозволуваше да прават речиси сѐ што сакаат во Македонија, ја следи практиката на Чакаларов, секако не со крв како во минатото.
Односот со северниот сосед бил пристоен пред и за време на илинденската епопеја, но потоа станал ист како на Бугарија и на Грција по балканските војни и по Првата светска војна. Токму Србија ќе стане главен непријател на историската ВМРО во овој период, поголем од Бугарија и од Грција заедно. Денешните релативно пристојни односи со Србија (освен краткотрајните економски војни што избувнуваат одвреме-навреме) се должат на презафатеноста на северниот сосед со домашните проблеми, пред сѐ Косово.
И, можеби, во оваа анализа ќе биде најинтересна компарацијата во односите со Албанците. Кога пред четири години ВМРО-ДПМНЕ стапи во коалицијата со ДУИ, политичката партија на некогашните герилци на ОНА, јавноста беше шокирана.
Но, ако се спореди со историската ВМРО, ситуацијата е многу слична. Покрај постојаните борби со албанските качачки банди и башибозукот (главно, составен од Албанци), четите на ВМРО многу пати биле во сојуз со албанските чети во борба со турската војска. Ова било мошне забележливо за време на Илинденското востание, кога албанските чети од Косовска Митровица удриле по аскерот. Накратко, односите на ВМРО со Албанците, денес и во минатото, се де сојузнички, де непријателски.
Борбеноста ја потиснува политиката
Внатрешната револуционерна организација за Балканот и за светот отсекогаш, пред сѐ, била страшна герилска организација. Во еден период ВМРО била сметана за најопасна терористичка организација во Европа.
Овој впечаток е точен. Организацијата, која е основата на македонската борба за независност по своето дејствување, отсекогаш многу повеќе се потпирала на борбеноста отколку на политиката. Ова второво никогаш не било најсилната страна на историската ВМРО.
И тука, најверојатно, е единствената суштинска разлика со сегашната. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била толку голема политичка сила колку денес. Има апсолутна доминација на домашната политичка сцена со седум победи едноподруго на сите избори, а реализира победи и на надоврешнополитички план. Петкратните препораки за почеток на преговорите од Европскиот парламент, како и сѐ подобрите оценки од светските економски организации одат на контото на силната политика, иако опозицијата обвинува дека владејачката партија ја изолира државата.
Тоа ја прави силата на сегашната ВМРО. Додека борбеноста останала како наследство од старата организација, сега е развиена и силна доброосмислена политика. Слабата политика на историската ВМРО беше главната причина за неуспесите.
(Пишува: Александар Божиновски
Текст објавен во 74. број на неделникот „Република“, 31.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)