Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија во која уште еднаш го повикува Советот на Европската унија без одложување да одреди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, јавуваат грчките медиуми.
Според некои од новинарите кои пишуваат на оваа тема, како што пренесува дописникот на МИА од Атина, тоа претставува шлаканица за Грција затоа што резолуцијата е усвоена со огромно мнозинство од европратениците и во неа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.
Повеќето медиуми толкуваат дека британскиот европратеник Ричард Ховит во извештајот ја обвинува Грција дека е одговорна за тоа што не е најдено заемно прифатливо решение за името.
Под наслови „ДА за преговори“ со Македонија, грчките весници без исклучок објавија и дека, според грчките европратеници, резолуцијата е „неизбалансирана во целина“, и во неа „не се правилно распределени одговорностите за ненапредокот во преговорите за името“.
Во Грција, исто така, се обрнува и големо внимание на тоа дека во извештајот е останата придавката „македонски“ и повторно го нема терминот „Македонија“.
Во сите написи за извештајот на ЕП за Македонија стои дека е усвоен амандманот на групата на зелените со кој се претпочита вистинско решение со сложено име, но поставува услов да не се се оспоруваат македонскиот идентитет, култура, националност и јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.