| четврток, 6 декември 2018 |

Наградата „Григор Прличев“ утре ќе му биде врачена на Иван Василевски

Центарот за култура „Григор Прличев“ утре во соработка со „Просветно дело“ и „Детска радост“ ќе ја додели наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Оваа година лауреат на наградата е Иван Василевски, за неговата поема „Азбукословецот“, посветена на свети Климент Охридски. Доделувањето на наградата ќе биде проследено со соодветна културна програма и читање на поемата во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во 12 часот.

– Изборот на поема е начин на продолжување на делото на Прличев, начинот на кој тој творел и работел. Сите поеми што досега се наградени се работени според одредени правила, налик на начинот на кој творел и Прличев. Тоа е уште еден обид да се поддржи поемата како литературен вид, специфичен начин на изразување – изјави Драгана Боцеска, директорка на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

Манифестацијата ќе продолжи на 6 февруари, со полагање цвеќе пред споменикот и гробот на Прличев, т.н. „Прличева визита“, посета на спомен-куќата и пригодна културна програма.

Манифестација „Прличеви беседи“ постои од 1952 година, а ја одбележуваат културните и образовните институции во Охрид, во слава на преродбеникот и поетот од крајот на 19 век – Григор Прличев.

Наградата „Григор Прличев” е востановена на иницијатива на македонскиот писател Петре Бакески, а се доделува во чест на Прличев, кој во 1860 со поемата „Сердарот“ (на грчки јазик: О Арматалос) победил на анонимен конкурс во Атина и го доби епитетот Втор Хомер.

Инаку, годинешниот лауреат Иван Василевски е новинар, долгогодишен дописник на Македонската информативна агенција од Струмица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top