| четврток, 6 декември 2018 |

(Видео+Фото): Запленети 4,5 килограми хероин во автомобил со болни луѓе

Полицијата и Царината по претходно добиени сознанија, вчера на граничен премин Богородица на границата со Грција, во „голф“, нашле 4,5 килограми квалитетен хероин.

Дрогата е најдена во автомобилот на И.С. (45) од Скопје, кој од Истанбул, Турција во автомобилот носел и двајца скопјани кои таму биле на преглед, поточно нив ги користел за да им биде помалку сомнителен на полицајците.

МВР за овој случај во своето соопштение вели:

„Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Одделот за недозволена трговија со дрога при МВР до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против И.С. (45) од Скопје, а Истражен судија веќе одреди и мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, казниво по чл.215 став 1 од КЗ на РМ.
По претходно добиено сознание за можен транспорт на хероин, на 10.02.2013 година околу 00.35 часот, на граничниот премин “Богородица“, од страна на полициски  службеници од ОНТД и службеници од Царинската управа на РМ, при влез во Р.Македонија извршен е преглед и контрола на ПМВ “Голф“ со скопски регистарски таблички управувано од И. С. (45), којшто патувал заедно со лицата Х.Ѓ. (47) и Х. Н.  (24), двајцата од Скопје кои ги носел на здравствен преглед во Истанбул-Турција и ги искористил како покритие за патувањето.

По извршениот детален претрес и преглед на возилото, во внатрешниот дел на акумулаторот била пронајдена една кеса обвиткана со алуминиумска фолија и самолеплива трака во која биле сокриени 330 грама непозната прашкаста материја. Исто така, при прегледот на тркалата, односно во внатрешноста на четирите бандажи на автомобилот, во специјално направени прегради-бункери дополнително е пронајдена  прашкаста материја со вкупна тежина од 4.355 грама, или севкупно биле откриени и запленети 4.685 грами хероин.

Според документираните сознанија на истрагата И.С. во почетокот на годинава во Косово се сретнал со лице, косовски државјанин, кој му понудил да изврши транспорт на три килограми наркотична дрога хероин од Турција до Косово, за што на И.С. му биле исплатени  1070 евра, а останатокот би го добил по извршениот транспорт.

За да го изврши транспортот на дрогата, на 06. овој месец И.С. изнајмил рент-а-кар  возило, при што заедно со наведените патници заминале за Турција, кадешто се сретнал со косовскиот државјанин-нарачател на хероинот и со лице – турски државјанин, при што им го предал рент-а-кар возилото заради изработка на специјален бункер во истото кадешто била сокриена пронајдената дрога. По ова, возилото било вратено на И.С. којшто заедно со Х.Ѓ. и Х. Н. се упатиле кон Македонија.

Пронајдената прашкаста материја е предадена на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи, при што е констатирано дека се работи за наркотична дрога хероин со вкупно нето тежина 4.685 грама, кој на нарко пазарот при продажба на мало би достигнал цена од 500.000 евра. ОНТД презема дополнителни мерки и активности заради целосно расчистување на случајот, утврдување и кривично правно санкционирање  и  на други инволвирани лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top