| четврток, 6 декември 2018 |

Османи: Предвремени парламентарни избори се една од опциите на ДУИ

bujar-osmani_4

ДУИ нема донесено одлука за предвремени парламентарни избори. Тие се само една од петте алтернативи кои ќе ги понуди партијата доколку не се договориме со ВМРО-ДПМНЕ за консензуален кандидат на претстојните претседателски избори, истакна портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Тој нагласи дека предвремените избори ќе бидат само излез од евентуалните политички околности и негативната клима кои би настанале доколку нема договор за консензуален кандидат, но не и нејзино решение.

– ДУИ во моментов не е за предвремени парламентарни избори, но ние сме подготвени за избори во секое време. Анализите покажуваат дека ДУИ ќе биде апсолутен победник во албанскиот дел доколку утре би излегле на избори. Сепак, тоа не е причината зашто ја ставивме можноста за предвремени извбори во една од варијантите, туку тоа што предвидовме дека евентуалното недоговарање за консензуален кандидат може да доведе до политичка криза која нема да овозможи нормално функционирање на Владата и евентуално блокирање на институциите – вели Османи.

Тој истакна дека единствено со ВМРО-ДПМНЕ разговарале за консензуален кандидат и додаде дека сѐ додека не добијат одговор од коалицискиот партнер, сметаат оти постои можност за договор.

– Во наредните 20-тина дена, што ни ги овозможуваат законските рокови во Изборниот закон до кога треба да се назначи кандидатот за претседател до ДИК, ќе ги претставиме сите наши аргументи зошто на Македонија сега ѝ е потребен консензуален кандидат – рече Османи.

Под консензуален кандидат за претседател, како што појасни, ДУИ подразбира кандидат кој ќе ја претставува волјата, пред сѐ, на двете поголеми етнички заедници, но и на сите граѓани за да се создаде центар на кохезија на општеството, каква што е и улогата на претседателот според Уставот и поредокот во Македонија.

– Сметаме дека само на тој начин општеството ќе ја добие неопходната кохезија за да може да се справи со предизвиците со кои ќе се соочува државата во наредниот период – изјави Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top