| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ обвинува дека власта ги купува изборите, ВМРО ДПМНЕ дека СДСМ го потценува народот

vmro-dpmne-sdsmСДСМ денеска обвини дека Владата ги искористила буџетските трансфери за социјална помош за купување на предвремените парламентарни избори во 2011 и на локалните избори во 2013 година. ВМРО-ДПМНЕ одговори дека СДСМ го потценува и навредува народот, бидејќи оваа влада досега има неколку илјади реализирани проекти кои што се во директен интерес на граѓаните на Македонија.

-Во 2010 и 2012 година немаше избори, па во ниеден месец во тие години нема поголеми отстапувања над просекот на месечните буџетски трансфери за социјална помош. Напротив, во месеците непосредно пред следователните избори во наредната година, има отстапувања под просекот. Во 2011 година кога имаше предвремени парламентарни избори, месечните буџетски издатоци за социјална помош во сите месеци од таа година, во просек, изнесувале околу 390 милиони денари. Но, во месецот токму пред одржувањето на изборите – во мај, а изборите беа во јуни – буџетските издатоци за социјална помош изнесувале 891 милиони денари- објаснуваат од СДСМ.

Од СДСМ потенцираат дека за локалните избори во 2013 година, пак, такво големо отстапување се појавува 3 месеци пред одржувањето на изборите, а ова јасно укажува на користење на парите на граѓаните за купување на изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ досега има неколку илјади реализирани проекти кои што се во директен интерес на граѓаните на Република Македонија.

-Во сите изминати години оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ исплаќаше редовни субвенции и редовна социјална помош, ние никогаш не сме отпишувале долгови за вода за граѓаните како што правеше Зоран Заев во Струмица, непосредно пред локалните избори- реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со години во континуитет превзема мерки и проекти, се покачија пензиите на пензионерите за 50%, се покачи социјалната помош за 47%, се обезбедија субвенции за земјоделците кои не добиваа ниту денар во време на СДСМ, се покачија платите на администрацијата, се реши статусот на стечајците кои СДСМ ги создаде, се реши статусот на професионалните војници и уште многу други мерки со кои им се помогна на илјадници наши сограѓани- велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека за СДСМ најдобро е да нема субвенции, да нема нови патишта, фабрики, улици, болници и училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top