Кинеската Нова година, која се определува од лунарниот календар и е наречена Чун џие – Празник на пролетта, е најдолгиот и најважен празник во кинескиот календар. Оваа година настапува денеска. Празникот е проследен со распусти,годишни одмори, концерти, весели семејни трпези. Многу од новогодишните традиции во Кина произлегуваат од легендата за Ниан, жестокото чудовиште, кое доаѓало секоја година за да ги ограбува домовите на луѓето. Еднаш еден старец се појавил во селото и ги советувал селаните да стават црвени знамиња по прозорците и по вратите , кои го уплашиле ѕверот и тој никогаш повеќе не се вратил.
Ниан значи „година“ на кинески, a куќите на луѓето и до ден денес се украсуваат со црвени декорации и орнаменти. Кинезите оставаат слободно место на својата празнична трпеза и за тие што од која било причина не успеале да се приберат дома за празникот. По вечерата никој не требва да излегува од куќата затоа што така и добрата среќа ќе избега. Сите светилки се оставаат вклучени. На децата им се делат црвени пликови со пари. На 31 јануари 2014 година почнува годината на Древениот коњ. Дрвото ќе го разгорува уште посилно огнот, распламтен околу коњот, ќе го осветлува патот на секој патник, ќе му носи среќа и благосостојба. Коњот е меѓу најпочитуваните животни кај кинескиот народ. Носени од галопирачките коњи, луѓето брзо стигнувале до посакуваното место. Претставниците на хороскопскиот знак Коњ од кинескиот хороскоп сакаат да се натпреваруваат, секогаш се борат за својата слобода, не поднесуваат ограничувања. Тие со своите лидерски способности се перфектни водичи. Сакаат да се меѓу луѓето, да се истакнуваат со ненадминливи квалитети и знаења. Нивни симболи се жештината, оганот и црвеното. Коњите се знаци на љубовта. Во Кина, која е со силно централизирано управување и водечка е комунистичката партија, одлуката кој да ја прави новогодишната програма на државната телевизија, се донесува од партиското раководство. Оваа година главниот уметнички раководител и режисер Фон Сјаоган јавно ветил дека ќе му даде нов живот на застареното шоу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.