| четврток, 6 декември 2018 |

Јубилејно десетто издание на „Танц фест“ во април

Под мотото „Вкусот на танцот“, од 7 до 29 април ќе се одржува 10. Танц-фест, за кој организаторот најави богата програма и почеток на регионална кампања за фестивалот.

– Нашата цел е април да живее во ритамот на танцот, истакна директорката на Танц-фест Рисима Рисимкин на прес-конференција и соопшти дека меѓу содржините на јубилејниот фестивал ќе бидат гостувања на Националниот балет од Марсеј, Ротердамската танцова академија, танц-настапи на неколку компании од регионот, танцови филмови во соработка со фестивал од Амстердам и три премиери на кои ќе бидат промовирани млади кореографи.

Новина ќе биде организирањето на првиот интернационален натпревар по танц кој ќе биде со меѓународно жири.

– Натпреварот ќе биде круна на фестивалот и негова нова страница, рече Рисимкин, која неколку години го раководи и центарот Интерарт.

За регионална промоција на претстојниот Танц-фест, подготвени се пет кратки видеа од урбаниот живот на Скопје, за кои музиката ја компонираше Виктор Апостоловски, во продукција на Универзитетот ЕСРА.

Јубилејот на Танц-фест го честиташе министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која на прес-конференцијата истакна дека во изминатата деценија фестивалот и ја доближи на македонската публика современата светска танцова сцена и современите танцови практики на повеќе врвни балетски ансамбли од светот.

– Преку програмата на фестивалот имавме можност да проследиме иновативни кореографии на светски етаблирани автори, а во Република Македонија гостуваа најпрестижните танцови компании за кои Министерството за култура ја даде својата целосна поддршка…. Полека, но сигурно, Република Македонија се етаблираше како регионален центар за современ танц, но и земја со современа танцова култура со високи квалитативни параметри, рече Канческа-Милевска.

Таа ја пофали и работата на центарот Интерарт зашто создал комплетна инфраструктура за поттикнување на современиот танц во Македонија.

– Токму затоа Министерството за култура со оваа институција потпиша тригодишен договор за партнерство и соработка, преку кој се даде поддршка за претприемништво во културата, се промовираше нов модел на соработка по примерот на светските трендови. Денеска со задоволство можеме да кажеме дека овој договор има плодотоворни резултати, додаде министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top