| четврток, 6 декември 2018 |

„12 години ропство“ и документарен филм за Џастин Бибер од утре во „Синеплекс“

Од режисерот Стив Меквин од утре во „Синеплекс“ пристига филмот „12 години ропство“, базиран на вистинита приказна за афро-американецот Соломон Нортап. Филмот кој заработи вкупно 9 номинации за Оскар, вклучувајќи ги и за најдобар филм, најдобра режија, најдобра машка улога, најдобра споредна женска улога, најдобра споредна машка улога ќе биде поставен на редовниот репертоар на киното со 4 дневни термини.
160 години по објавувањето на застрашувачките мемоари (осум години пред избивањето на Граѓанската војна) Стив Меквин на големото платно ни го носи најживописниот и најавтентичен приказ на американското ропство. Ова величенствено уметничко достигнување ни ја претставува пресвртницата во историјата на филмот и во историјата на прикажување на ропството.
Нортап ќе се најде во ситуација во која и самиот постанува странец, на непознато место, без пари и документи без кои не може да докаже дека е сопруг, татко и слободен човек. Фатен е во сенките на Вашингтон и одведен до авенијата Пенсилванија каде неколку генерации подоцна Др. Кинг ќе го оддржи својот говор за „Сонот“ и каде минуваше и претседателот Барак Обама со својата сопруга со надеж дека тој сон ќе се оствари – што и додава горчина на Нортаповата одисеја. Соломон Нортап е испратен на полињата за памук во Луизијана, чии сопственици се една таткова фигура; еден несигурен лик и еден поранешен гонител на робови. Нортаповите 12 години ропство (попрецизно, 11 години, 8 месеци и 26 денови) не наликува на ништо веќе познато ниту природно. Израснал во планините Адирондак, поминувајќи ги деновите сечејќи дрва, одејќи на рафтинг. На располагање му биле книги и основно образование во Сани Хил (Њујорк), а одеднаш се наоѓа во Луизијана каде на робовите им е забрането да читаат и пишуваат, а писмата на ретко писмените робови морал да ги цензорира сопственикот пред да бидат испратени. Нортап работел во хотел во одморалиштето Саратог Спрингс и живеел со сопругата Ен и нивните три деца (Елизабет, Маргарет и Алонсо), но на плантажата на Епс нема повеќе дневници – само хектари памук и груб и своеволен начин на казнување.
Филмот „12 години ропство“ се темели на неверојатна вистинита приказна за борбата на еден човек за живот и слобода. Меквин изјавува: „Сакав да раскажам приказна за ропството и ми се допадна идејата на почетокот на приказната да запознаеме еден обичен слободен човек кој потоа ќе може да ги одведе гледачите низ историјата на ужасното ропство. Мојата сопруга Бјанка ја пронајде книгата со мемоарите на Нортап и кога почнав да ги читам, буквално не можев да престанам. Ме шокираше оваа неверојатна вистинита приказна. Нортап проникливо ги набљудува луѓето и е еден од ретките кои во тоа време успеал да ја раскаже вистинската приказна за ропството. Неговиот пат бара огромна физичка и морална снага. Не само што ни овозможува поглед на настаните туку и поставува прашање – што би направиле вие?. За мене оваа книга е еднакво важна за американската историја колку што е „Дневникот на Ана Франк“ за европската. Почувствував гордост и привилегија да ја преточам во филм“.
Justin Bieber

Од утре на репертоарот на „Синеплекс“ е  и документарниот филм за тинејџерската поп икона Џастин Бибер. Овој филм дава интимен поглед на турнејата „Believe“ на Џастин Бибер, распродадена низ светот. Не само што ќе имате прилика да доживеете визуелен спектакл од концертните снимки на Џастиновите најголеми хитови, туку ќе добиете и директна карта до бекстејџ и ќе бидете сведоци на организирана и одлично спроведена турнеја. Филмот нуди и ексклузивен поглед на животот на Џастин надвор од сцената.
По повод премиерата на овој филм, утре во 18 часот ќе биде организирана забава „TEENS NIGHT“. Фановите на Бибер во фоајето на „Синеплекс“ ќе ги пречекаат танцови групи, кои ќе танцуваат на песните на Џастин и заедно ќе ги пееме неговите песни. Сите посетители ги очекуваат и дополнителни изненадувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top