| четврток, 6 декември 2018 |

Четири нови премиери и Шекспиров фестивал финансирани од Министерството за култура во Битолскиот народен театар

Министерството за култура преку средствата за 2017 година, ќе финансира 4 нови премиери во битолскиот народен театар, а во целост ќе го финансира и најновото издание на „Битолскиот Шекспиров фестивал“.

„Во рамките на националната програма за 2017 година, финансиски се поддржани претставите „За смислата на животот“, светска праизведба на текстот на Идо Нетанјаху во режија на Благој Мицевски, претставата „Дон Жуан“ од Молиер во режија на Андреј Цветановски, „Коцкар“ од Достоевски во режија на Дејан Пројковски и претставата „Сонот на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Џон Блондел. Министерството во целост ќе го поддржи интернационалниот „Битолски Шекспиров фестивал“, кој годинава ќе се одржи во последната недела од јуни“, изјави Светозарев.

Во однос на меѓународните гостувања, Министерството за култура финансиски ќе го поддржи гостувањето на битолскиот театар во Торонто, Канада, каде што театарот ќе гостува на „Деновите на македонската култура“ со претставата „Без паника“ во режија на Благој Мицевски.

Од БНТ најавија дека ќе поднесат приговор затоа што се одбиени два од предложените шест проекти. Станува збор за проектот на Евгениј Ибрахимов „Мојот Шекспир“ и за проектот на режисерот Сашо Миленковски „Смртта на Јурик“, по текст на актуелниот градоначалник Владимир Талески. Засега не се знае дали со сопствени средства театарот, сепак, ќе се реши да ја постави оваа претстава на сцената. Образложението од страна на министерството за одбивањето на овие проекти е високата финансиска конструкција.

 

извор: творбис

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top