Измените на Законот за минимална плата, со кои од март годинава треба да почне тригодишното зголемување, се усвоени на последната владина седница. Со нивното изгласување во Собранието, реално ќе почне зголемувањето на минималната плата од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари. Според социјалните партнери, се работи за историски успех со кој ќе се подобри животниот
стандард на граѓаните и ќе се зголеми мотивираноста и продуктивноста на работниците, а корист ќе имаат и работодавците. За синдикатите, работодавците и Владата е значано тоа што зголемувањето на минималната плата е направено со заеднички договор меѓу сите социјални партнери.
Од Владата очекуваат дека Законот, со кој се предвидува зголемување на минималната плата, доследно ќе се применува затоа што е донесен во консултација со сите социјални партнери.
– Со оглед на опсежнста на дијалогот и начинот како се дискутираше за прашањата и согласноста како е постигнато зголемувањето на миниманата плата, нема причина да не веруваме дека ќе се спроведува законот – истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната заедничка прес-конференција со синдикатите и работодавците.
Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата се прави во време кога Македонија има најниско ниво на невработеност и кога се креирани повеќе од 100 илјади нови работни места.
– Овој историски успех е во време кога имаме историско најниско ниво на невработеност од 28 проценти, која успеавме да ја намалиме од 38 проценти во 2006 година. Сите овие заложби на Владата резултираа и со отворање повеќе од 100 илјади работни места, што покажува дека во услови на криза и рецесија во Европа, Македонија е земја во која политиката е добро поставена, што го потврдуваат и меѓународните финансиски институции и резултатите на терен – истакна Ставрески.
Според вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, законското решение претставува значаен чекор напред како за работниците и заштитата на нивните права, така и за работодавците.
– Ова е јасен доказ за нашата ориентираност како Влада да бидеме во постојана комуникација со синдикатите и компаниите и да разговараме за сите предизвици и да наоѓаме решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните. Ова решение, како и многу други, е донесено во директна комуникација со синдикатите и работодавците и ги има поминато сите истанци – нагласи Пешевски.
Синдикатите и работодавците се задоволни од законското решение и се надеваат дека тоа ќе се применува во практика.
– Иако имаше скептицизам дека социјалните партнери ќе утврдат минимална плата, тоа го направивме со историскиот договор во 2011 година, а денес во услови на криза успеавме да се договориме и да ја зголемиме минималната плата. Во услови кога секаде имаме драстично намалување на платите и на работните места, Македонија е пример за институционален социјален дијалог кој дава конкретни резултати – рече претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митревски.
За претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, добро е тоа што зголемувањето е направено со заеднички конзенсус меѓу социјалните партнери.
Во согласност со измените на Законот, во март годинава минималната плата ќе изнесува од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари, во март 2015 година – 9.590 денари, а во март 2016 година ќе достигне 10.080 денари. За текстилната и кожната индустрија ќе има период на приспособување до 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



