| четврток, 6 декември 2018 |

Пет шлепери само за опремата на Скрилекс за „Егзит“

 По големиот успех на минатогодишната X-Bass програма на главната бина на фестивалот „Егзит“, која се реализираше во соработка со една од најзначајните етикети на електронската сцена „УКФ“, оваа светла коалиција во 2014 станува уште погласна. Најголемите светски имиња на дабстеп и драм’ен’бејс сцената доаѓаат на „Егзит 2014“. Скрилекс и „Рудиментал“, како и Дуб ФХ  и „Ковен“, доаѓаат со своите состави во живо во Петроварадинската тврдина во Нови Сад
Скрилекс претставува најзначајното дабстеп име на денешницата и еден од најпопуларните светски диџеи. За рекордно време стана планетарно познат, а со своите прогресивни ЕП изданија „Scary Monsters and Nice Sprites“ и „Bangarang “ги освои не само срцата на публиката, туку дури и шест „Греми“ награди. На „Егзит“ ќе настапи во сабота, 12 јули со ексклузивен аудио-визуелен настап во живо, дизајниран специјално за неговата летна турнеја и со толку голема техничка опрема што до Тврдината ќе ја превезуваат дури 5 шлепери.
Во петок, 11. јули, Петроварадинската тврдина ќе ја затресе „Рудиментал“, најдобриот нов бенд за 2013. година по избор на повеќе од пола милион фанови на „UK Festival Awards“. Нивната популарност во 2014 и понатаму расте, а најавата на нивниот настап на „Брит“ наградите во 2014 само дополнително докажува колку тие се во моментов барани во музичкиот свет.
На жестоката бас линија ќе и се придружи во четврток, 10. јули, Бенџамин Станфорд ака Дуб ФХ . Тој се прослави со својот „направи сам“ пристап кон музиката; сета музика ја создава со својот глас, кој потоа го пласира преку „луп“ машина, ја пушта преку процесори и филтри, создавајќи матрица која потоа ја користи како подлога за пеење. Него го прослави видеото „Love Someone“ од 2008. година, снимено на улица, што е најдобар пример на неговиот извонреден талент. Австралискиот музичар на Петроварадинска тврдина ќе го претстави својот трет по ред студиски албум, „Theory of Harmony“, објавен пред само месец дена, кој претставува своевиден манифест на неговата филозофија за мир, позитивност и животна радост, препозната од страна на многубројните обожаватели ширум светот.
Творците на хит синглот „More Than You“, бас поткованото британско дуо „Ковен“, ќе настапат на главната бина во петок, 11. јули. Од оваа млада надеж на дабстеп правецот се очекува многу, особено имајќи го предвид нивнот лајв сет, кој претставува интересен спој на енергични басови и нежен женски вокал.
„Егзит“ го освои првото место во категоријата на најголеми европски фестивали на церемонијата на доделување на најзначајното европско фстивалско признание, Европските фестивалски награди за 2013. година.
Петнаесеттото издание на најдобриот европски фестивал е во знак на „Егзит авантурата“ која нѐ води на „Егзит“, од 10. до 13. јули 2014. на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и на „Си денс фестивал“од 15. до 17. јули на плажата Јаз, една од најубавите плажи на Јадранот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top