| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска се залага за побрз прием на Македонија во ЕУ и во НАТО

Влегувањето на Македонија во НАТО и во Европската унија е од заеднички интерес за македонските и хрватските граѓани, потенцираа претседателите на двата парламента, Трајко Вељаноски и Јосип Леко, јави МИА.

По денешната средба во Загреб, Леко на прес-конференција истакна дека Хрватска заговара за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ.

– Тоа го истакнуваат сите наши парламентарци во Собранието на НАТО и ЕУ и се надеваме дека процесот низ кој поминува Македонија наскоро ќе биде одблокиран – рече Леко.

Честитајќи за високиот економски раст што Македонија го достигна лани, посочи дека тоа ќе овозможи нова соработка меѓу двете земји.

– Република Македонија минатата година оствари завиден економски раст. Тоа отвора подрачја за нова успешна соработка – рече Леко и најави продолжување на соработката на парламентарно ниво, но и на економско, мултилатерално и билатерално.

Националните малцинства на Македонците во Хрватска и на Хрватите во Македонија, како што нагласи, се мостови на соработка меѓу двете земји, потсетувајќи дека меѓу нив нема отворени прашања.

– Соработката на двата парламенти е стабилна и тесна во многу подрачја. Во тоа посебно ни помага Одборот за наворешна политика и Групата за пријателство меѓу Македонија и Хрватска – додаде Леко.

Претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, изрази надеж дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроинтегративниот процес.

– Заеднички го одевме патот за членство во НАТО и во ЕУ. Хрватска стана членка, но Македониjа од познати причини не. Се надеваме и убедени сме во тоа дека имаме уште еден пријател во ЕУ, кој ќе ги поддржува Македонците и Македонија и со својата улога ќе даде уште поголем придонес за што побргу да се одблокира процесот за интегрирање на Македонија во ЕУ и во НАТО – рече Вељаноски.

Меѓу Македонија и Хрватска, никогаш немало отворени прашања, додаде Вељаноски, нагласувајќи дека обврска на политичарите е да ја продолжат таа соработка.

-Македонија и Хрватска ќе продолжат да работат на одредени прашања бидејќи сметаме дека е од интерес на двете земји, но и на регионот – подвлече Вељаноски.

Македонската заедница во Хрватска и Хрватската во Македонија, додаде тој, се мостот, кој ги зближува двете држави, а институиите покажуваат зрелост во однос на почитување на правата на заедниците.

Во рамки на официјалната посета на Хрватска, Вељаноски денеска ќе оствари средба со претседателот на државата Иво Јосиповиќ и со вицепремиерот и министер за надворешни и европски работи, Весна Пусиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top