| четврток, 6 декември 2018 |

Доминика доминира во Мелбурн, женското финале ќе биде Цибулкова против Ли

Доминика Цибулкова игра страшно добар тенис на Отвореното првенство на Австралија и има импресивна серија од шест меча на турнирот што ги доби експресно брзо, за помалку од еден и пол час игра. Во ист ритам ноќеска словачката тенисерка ја декласира Агнешка Радванска со 6-1, 6-2 и за првпат ќе игра гранслем-финале.

Цибулкова направи неколку подвизи и неверојатни резултати и, конечно, созреа и го преточи талентот во квалитетни игри на големите турнири. Таа редум ги елиминираше Квитова, Вознијачки, Азаренка и Радванска, сите лански финалистки на некој од четирите гранслем-турнири.

Победата над Радванска со само три загубени игри е целосен реванш за Цибулкова за ланскиот тежок пораз со 0-6, 0-6 во финалето на ВТА турнирот во Сиднеј од истата противничка.

Последна пречка за големо славење и прв трофеј од најценетите турнири ќе и биде искусната кинеска тенисерка Ли На. Таа ја декласира сензацијата на турнирот Јужин Бушар со 6-2, 6-4. На има огромно искуство и единствена од полуфиналистките има гранслем-трофеј, а славеше на Ролан Гарос во Париз пред три сезони.

Кај мажите во тек е првото полуфинале меѓу Станислас Вавринка и Томаш Бердих, а за утре е закажано дербито меѓу Роже Федерер и Рафаел Надал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top